ОН потврдија дека во Европа е достигната рекордна висока температура во 2021 година


Фото: Б. Грданоски

 Светската метеоролошка организација (СМО) денеска официјално потврди нов рекорд на температура за континентална Европа од 48,8 степени Целзиусови во Италија на 11 август 2021 година и предупреди дека се очекуваат нови екстремни температури.

Наодите се објавени во Меѓународниот весник за климатологија.

„Меѓународен панел од научници за атмосферата ја потврдија температурата регистрирана од автоматизирана метеоролошка станица во Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија“, соопшти метеоролошката агенција на Обединетите нации со седиште во Женева.

Температурата на 11 август 2021 година била речиси еден степен Целзиусов повисока од претходниот рекорд од 48 степени Целзиусови регистриран на 10 јули 1977 година во грчките градови Атина и Елефсина, се вели во извештајот.

„Можно е, всушност веројатно, во иднина да се случат поголеми екстреми низ Европа“, изјави професорот Рандал Сервени, известувач за климата и временските екстреми за СМО.

– Повеќето истражувања – како ова – се долги процедури поради прецизната грижа што СМО ја презема при потврдувањето на временските набљудувања. Таквата макотрпна евалуација обезбедува критична доверба дека нашите глобални рекордни температури правилно се мерат. Освен тоа, оваа истрага ја покажува алармантната тенденција за постојани рекордни високи температури што ќе се достигнат во одредени региони во светот, истакна Сервени.