ОН: Поради Ковид-19 над 117 милиони деца може да останат без вакцина за сипаници


Повеќе од 117 милиони деца би можеле да ја пропуштаат имунизацијата против сипаници, бидејќи пандемијата Ковид-19 принудува на социјално растојание и го зголемува притисокот врз здравствените услуги, предупредија здравствените агенции на Обединетите нации, јави Ројтерс.

Во 24 земји веќе се одложени кампањите за имунизација од сипаници, а се очекува тоа да биде направено и во други земји, со што потенцијално ќе се стават во опасност децата во 37 земји, се вели во иницијативата Measles & Rubella (M&RI), која е поддржана од Светската здравствена организација, Фондот за деца на ООН, УНИЦЕФ и други.

„Доколку е направен тешкиот избор за паузирање на вакцинацијата заради ширењето на Ковид -19, ги повикуваме лидерите на земјите да ги интензивираат напорите и да ги следат невакцинираните деца, така што на најранливите популации да им обезбедат вакцини против сипаници веднаш штом ќе биде можно“, се вели во заедничката изјава.

„Иако знаеме дека има многу барања за здравствените системи и за вработените кои се во првите редови за време на пандемијата од Ковид-19, спроведувањето на сите активности за имунизација, вклучително и вакцините за сипаници, е суштинско за сочувување животи“.

Респираторната болест Ковид-19 уби повеќе од 113.000 луѓе и ги остави државите ширум светот во виртуелна блокада бидејќи се обидуваат да го запрат ширењето на новиот корона вирус што ја предизвикува болеста.

Но, во сенка на епидемијата од корона вирусот, напливот од зараза со сипаници претставува уште една голема глобална закана за здравјето на луѓето.

Светската здравствена организација (СЗО) во декември соопшти дека сипаниците заразиле речиси 10 милиони луѓе во 2018 година и убиле 140.000, претежно деца.

Овааа вирусна болест е многу заразна, но може да се спречи со масовна имунизација, што вообичаено би значело бебиња и деца да бидат вакцинирани како дел од рутинските здравствени услуги.

Заради борбата против Ковид -19, многу земји настојуваат да ги чуваат здравствените работници од инфекција и наметнаа строги мерки за социјално растојание. СЗО препорача владите привремено да ги паузираат превентивните кампањи за имунизација, како што се оние против сипаници, бидејќи нема активна појава на болеста и може да се спречи со вакцинирање.

Во многу делови на Африка, проектите за медицинска помош кои вообичаено би можеле да опфаќаат сипаници и други кампањи за вакцинирање се запрени бидејќи земјите ги затворија своите граници и ги ограничија рутинските здравствени услуги поради пандемијата.

Групата соопшти дека ја поддржува потребата за заштита на заедниците и здравствените работници од Ковид-19, но предупреди дека тоа не треба да значи децата трајно да се пропуштат од вакцинирање.

„Мора да се преземат итни чекори веднашза да се затворат празнините во имунитетот што ќе ги искористи вирусот на сипаници“, се вели во извештајот.