ОН почнува истрага за можни руски воени злосторства во Украина


Советот за човекови права при Обединетите нации усвои резолуција со која се наредува започнување истрага за можни воени злосторства извршени од руски војници во регионот на Киев и на други места.

Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, со 33 гласа „за“, два против и 12 воздржани, усвои резолуција со која и се наложува на истражната комисија да ги испита настаните околу Киев и другите области, како Суми, кои беа под привремена контрола на руски војници.

Русија неодамна беше исклучена од Советот, со можност да присуствува на седницата како набљудувач, но – во знак на протест поради резолуцијата, за која тврди дека е политички реваншизам – одлучи да не учествува на денешната седница.

Кина, заедно со Еритреја, гласаа против резолуцијата.