ОН: Либија е на прагот на граѓанска војна

Либија е на прагот на граѓанска војна, која би можела да доведе до трајна поделба на државата, изјави специјалниот пратеник на ОН за оваа северноафриканска земја, Гасан Саламе.

– Санирањето на досега направените штети ќе трае со години, во случај војната да заврши сега, изјави Саламе во обраќање пред Советот за безбедност на ОН.

Саламе нагласи дека од почетокот на офанзивата на силите лојални на генерал Халифа Хафтар на Триполи, кој е под контрола на меѓународно признатата влада на Либија, на 4 април, во земјата „има премногу смрт и разурнување“.

– Последиците и ризиците се болни за либискиот народ: преку 460 загинати, од кои 29 цивили, над 2.400 ранети, од кои мнозинството се цивили и над 75.000 луѓе принудени да ги напуштат своите домови. Повеќе од половина од раселените се жени и деца, додаде Саламе.

Според проценките на хуманитарните организации, во зоната на најжестоки судири во Либија „заглавени“ се над 100.000 лица, додека во исто време околу 400.000 Либијци се директно погодени од борбите.

Саламе нагласи дека борбите во Либија ја загрозуваат и безбедноста на соседните земји и на поширокиот регион на Медитеранот, бидејќи постои опасност од голем мигрантски бран кон Европа, но и од зајакнување на позициите на екстремистичките групи, како Исламска држава (ИД) и Ал Каида.

– Од 4 април на југот на Либија се изведен четири одвоени напади на ИД, при што загинаа 17 лица, над 10 беа ранети, а осум киднапирани, изјави Саламе, додавајќи дека либиските сили кои досега „храбро ја бранеле“ својата земја од терористички групи, сега „се зафатени со меѓусебни борби“.