ОН: Годишната вредност на металите во фрлените електронски уреди е 9,5 милијарди долари

Истражувањето покажало дека секоја година се фрлаат 844 милиони електронски цигари, што е еднакво на тежината на шест Ајфелови кули


Вредноста на клучните суровини за зелената транзиција пронајдени во фрлените или застарените електронски уреди изнесува 9,5 милијарди долари годишно, објавија Обединетите нации (ОН) во пресрет на Меѓународниот ден на е-отпадот, 14 октомври. Истовремено, тие повикаа на подигање на свеста за важноста на рециклирањето на е-отпадот.

Играчките, каблите, електронските цигари, електрични четки за заби, жилети, телефонски слушалки и други предмети за домаќинството содржат метали како литиум, злато, сребро и бакар.

Поради нивната клучна улога во се пораспространетата зелена индустрија, која вклучува и производство на батерии за електрични возила, побарувачката за овие суровини ќе се зголеми уште повеќе, се сумира во извештајот објавен од агенцијата УНИТАР, пренесува АФП.

Само во Европа, побарувачката за бакар се очекува да се зголеми за шест пати до 2030 година. Причината е неговата зголемена употреба во обновливите извори на енергија, комуникацијата и во вселенскиот и одбранбениот сектор.

Бидејќи не рециклираме електронски уреди, многу важни суровини се занемарени, се посочува во извештајот.

Меѓу другото, истражувањето покажало дека секоја година се фрлаат 844 милиони електронски цигари, што е еднакво на тежината на шест Ајфелови кули. Минатата година, според истражувањата, биле фрлени 950 милиони килограми кабли со бакар кој можел да се рециклира. Оваа количина на кабел би ја заокружила Земјата 107 пати, се сумира во извештајот.

Во Европа 55 отсто од електричниот и електронскиот отпад се рециклира, додека светскиот просек е 17 отсто.