ОН бара независна истрага за експлозијата во Бејрут

Канцеларијата на ООН за човекови права побара да се спроведе независна истрага за експлозијата во Бејрут и порача дека „мора да се слушнат повиците од жртвите за да ги изведат одговорните пред лицето на правдата“.

Портпаролот на Високиот комесар на ООН за човекови права, Руперт Колвил рече дека има потреба меѓународната заедница да ја засили помошта за Либан со брзо реагирање и постојан ангажман.

Тој додаде дека Либан се соочува со тројна трагедија – социоекономската криза, Ковид-19 и експлозијата на амониум нитрат, што во вторникот го погоди главниот град на таа земја.

Колвил, исто така, повика да се почитуваат сиромашните и најзагрозените додека се врши обновата на Бејрут и Либан и ги повика либанските лидери да го надминат политичкиот застој и да одговорат на потребите на населението.

Бројот на загинати во експлозијата во пристаништето во Бејрут се искачи на 154, објави државната новинска агенција ННА, повикувајќи се на либанскиот министер за здравство Хамад Хасан.