Омилената олимпијка на Путин ја напушти Русија и не планира да се врати

Анастасија Давидова освои пет златни медали и е генерален секретар на Рускиот олимписки комитет


 

Омилената олимпијка на Владимир Путин во синхронизирано пливање, Анастасија Давидова (39), ја напушти Русија „без планови за враќање“.

Петкратната освојувачка на златен медал и генерален секретар на Рускиот олимписки комитет изненади со нејзиното заминување од тимот, а тоа се смета за симболичен удар за рускиот претседател.

Давидова сѐ уште не дала изјава, но се претпоставува дека нејзината одлука да замине е поврзана со војната во Украина. Еден про-Кремљ медиум ја нападна, обвинувајќи ја „дезертерката“ за „грдо однесување“, пренесува британски „Мирор“.

Тринаесеткратната светска шампионка е на иста возраст со колешката освојувачка на златен медал Алина Кабаева, олимписка гимнастичарка која многумина ја сметаат за долгогодишна љубовница на Путин.

Нејзината наводна одлука да протестира против војната доаѓа откако во земјата растат немирите поради војната на Путин, неговата неодамнешна мобилизација и претстојната нелегална анексија на делови од украинската територија.

Нејзиното заминување беше објавено на ТВ каналот Меч, а тие објавија дека имаат „скенирано писмо за нејзиното заминување од Русија, во кое пишува дека не планира да се врати“.

Не е јасно кога Давидова ја напуштила Русија или каде е сега.

Во истовреме, висок руски судија се повлече од уставниот суд на земјата. Константин Арановски поднесе оставка на 57 години, иако официјалната возраст за пензионирање е 70 години, а уставниот суд наскоро треба да ја разгледа законитоста на претстојната анексија на украинска територија од страна на Путин.