Омбудсманот со препораки: Да се создадат услови за онлајн наставата за сите ученици, со фокус кон учениците со попреченост


Фото: Б. Грданоски

Влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз наставата многу е веројатно да има долгорочни последици врз сите деца, вклучително и врз децата со попреченост, бидејќи тие само делумно можеле да следат онлајн настава, или имале значајни проблеми во следењето на наставата. Поради тоа, надлежните органи треба да обезбедат услови за дигитализација на наставата на начин што ќе се овозможи истата да биде достапна на секој ученик, вклучително и на децата од руралните средини, социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.

Ова е наведено во посебниот извештај на Народниот правобранител ПОСЕБЕН ИЗВЕШТАЈ изработен по спроведеното истражување за начините на реализација на онлајн наставата во услови на пандемија од Ковид-19, во дел од училиштата во Републиката, со фокус на учениците со попреченост.

-И основните и средните училишта во најголем процент (56 отсто од одговорите на основните и 63 отсто од одговорите на средните училишта) сметаат дека овие ученици само делумно можеле да следат онлајн настава. Од друга страна, 31 отсто од основните и 25 отсто од средните училишта одговориле дека овие ученици имале значајни проблеми во следењето на наставата. Најголем број од основните и средните училишта даваат проценка дека онлајн наставата е само делумно соодветна за овие ученици, стои во извештајот.

Повеќето од учениците со попреченост, како што е посочено, имале соодветни ресурси и неопходна поддршка од членовите на семејството, но не е за занемарување ниту процентот на одговори од училиштата кои сметаат дека повеќето од овие ученици немале соодветни ресурси, ниту поддршка од домот.

Во однос на водењето е-портфолија за учениците со попреченост, истржувањето покажало дека најголем број од училиштата, односно 80 отсто од основните и 76 отсто од средните, најчесто повратните одговори од учениците ги добивале на неделна основа или периодично.

-Најголем дел од испитаните основни училишта одговориле дека повратен одговор од учениците со попреченост или нивните родители/старатели во однос на сработените наставни единици/содржини најчесто добивале на неделна основа. Од друга страна пак, испитаните средни училишта дале одговор дека повратни одговори добивале најчесто периодично (еднаш до два пати месечно), се наведува во извештајот.

Препораки од Народниот правобранител

Во насока на обезбедување услови за непречено и безбедно образование по здравјето на секое дете во основните и средните училишта, со фокус и на инклузираните ученици со попреченост, Народниот правобранител препорачува итно да се преземат мерки за анализа на постојната состојба со основните и средните учиилишта на цела територија на државава, заради согледување на постојните услови од материјален, технички, инфраструктурен, кадровски и друг аспект што е од особено значење при изборот на модалитетот на реализирање на настава во новата учебна година, а во согласност со препораките на надлежните здравствени органи, со цел секое дете да биде безбедно.

– Министерството за образование и наука во соработка со сите органи и институции, и со активно учество на родителите и претставниците на учениците при одлучувањето за начинот на кој ќе се реализира образованиот процес пред се да се раководи од најдобриот интерес на детето, неговото право на непречено и квалитетно образование, да ги идентификува потребите и на најмаргинализираните популации, вклучително учениците со попреченост, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта, и да се погрижат за непречен пристап, учество и успех во системот на образование на секое дете, на подеднаква основа, се наведува во извештајот на Народниот правобранител.

Оттаму со препорака и до Бирото за развој на образованието да преземе мерки за ревидирање на наставните планови и програми и доколку е потребно изработување на скратени наставни програми, кои ќе им овозможат на наставниците 28 поголема флексибилност во спроведувањето, во согласност со избраниот модалитет за реализација на наставата (онлајн/со физичко присуство/или комбинирано).

Во тој контекст, да се преземат мерки за прилагодување на постоечките наставните програми и планови како истите би гарантирале ефикасен наставен процес за сите ученици од основните и средните училишта, со фокус и кон учениците со попреченост.

Народниот правобранител им препорачува на надлежните органи да обезбедат услови за дигитализација на наставата на начин што ќе се овозможи истата да биде достапна на секој ученик, вклучително и на децата од руралните средини, социјално загрозените семејства и учениците со попреченост.

-Да се обезбеди еднаков пристап до квалитетно и непречено образование за маргинализираните и најранливите категории деца, односно образовен систем во кој никој нема да биде заборавен, стои во препораките од Народниот правобранител.

Меѓу препораките се и преземање мерки за обезбедување на потребната ИКТ опрема и стабилен интернет во училиштата, особено доколку наставниците ја реализираат онлајн наставата од училиница. Од друга страна да се обезбеди технологија и бесплатен интернет и за оние ученици/семејства кои тоа не можат самите да си го дозволат.

-Доколку наставата за одредени ученици се реализира во рамки на училиштата, тогаш, локалните власти во соработка со ресорното министерство и училиштата да преземат мерки во целост да ги спроведуваат протоколите дадени од страна на Комисијата за заразни болести со цел превенција и заштита на здравјето, пришто нужно е да се стави приоритет на вложување повеќе средства за набавка на дезинфекциони средства, како и персонал кој ќе се биде задолжен за одржување високо ниво на хигиена, се наведува во извештајот.

Народниот правобранител препорачува училиштата да обезбедат план за следење на настава која ќе овозможи физичко дистанцирање меѓу учениците и можност за реализација на наставата на отворено секогаш кога тоа е можно.

-Преземените мерки да бидат во насока на што поголема безбедност и зачувување на здравјето на учениците, наставниците и целокупниот персонал. Освен планови и протоколи за заштита на сите учесници во наставата, секое училиште да има точно утврден протокол за постапување, и тоа во најкус можен рок, во случај доколку некој покажува симптоми на Ковид-19. Следствено, во училиштата да создадат тимови за здравствена заштита кои ќе бидат целосно подготвени да ги идентификуваат симптомите на болеста и да следат протоколи за натамошно постапување и информирање на здравствените служби, стои во извештајот.

Во извештајот е посочена потребата за воведување на унифицирана национална платформа за далечинско учење која ќе одговара за сите учениците при основните, но и при средните училишта, како во гимназиско така и во стручно образование. Притоа, истата да има содржини од сите наставни јазици и по сите наставни предмети, како и прилагодени наставни содржини на способностите за учење на учениците со попреченост.

Исто така, Народниот правобранител укажува на потребата од задолжителна редовна и континуирана обука на наставниците за користење на дигиталните едукативни платформи и алатки за реализација на квалитетна настава адаптирана според можностите за учење на секое дете.

-Задолжително вклучување на образовните асистенти во давањето на поддршка во учењето за учениците со попреченост и при учење од далечина односно од дома, е една од препораките на НП.

Во истражувањето било применето анкетирање како техника на истражување, со инструмент на истражување, анкетни прашалници изготвени за потребите на истражувањето. Анкетата е спроведена од јуни до август 2020 година, преку Прашалник кој бил доставен до вкупно 72 училишта, (41 основно и 31 средно училиште) на територија на Република Северна Македонија.