Омаж за Никола Тесла- Нови Сад ја прослави титулата Европска престолнина на културата во 2022


Србија- Нови Сад ја дочека 2022 година со титулата Европска престолнина на културата.
Официјалната церемонија на преземање на титулата ќе биде на 13 јануари.
Во духот на таа титула веќе беа и бројните концерти кои се одржаа во пресрет на 2022 година, во предградието на Петроврадинската тврдина, како и огномет со аудио-светло омаж на научникот Никола Тесла.
Градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ на Инстаграм напиша дека е „воодушевен од тоа што го видел“.

„Тоа беше фантастично искуство и досега невидено. Граѓани, ова е само навестување на спектакуларната година што ја славиме како европска престолнина на културата. Ни претстојат големи настани!“, изјави првиот човек на градот.
Според првичната идеја, Нови Сад требаше да ја преземе оваа титула во 2021 година, но ширењето на заразната болест Ковид-19 ја одложи целата програма за оваа година.
Програмскиот концепт на проектот „Нови Сад 2021“ се состои од четири области под заедничкото име „За нови мостови“.
Преку овој проект градот треба да ја развие својата стратегија за одржлив развој на културниот сектор со фокус на зајакнување на културните институции, обновување на културното наследство и зајакнување на културното учество.

Програмски, на жителите на Нови Сад и на посетителите им се нудат различни културни програми во текот на целата година, како од популарната, така и од алтернативната културна сцена.
Официјалното отварање на годината на европската престолнина на културата ќе се одржи на 13 јануари, на новогодишната ноќ, според јулијанскиот календар, до кој се придржува Српската православна црква. На тој датум Нови Сад официјално ќе стане европска престолнина на културата. Посетителите ќе ги чекаат околу 400 уметници, на речиси 40 локации. Според организаторите, Нови Сад ќе биде домаќин на повеќе од четири илјади уметници во текот на годината.

Покрај Нови Сад и Еш на Алзет и Каунас, два втори по големина градови во Луксембург и  Литванија се европски престолнини на културата за 2022.

Европската престолнина на културата е основана за да го нагласи богатството и различноста на европските култури, да ги зајакне културните врски меѓу Европејците, да ги обедини луѓето од различни европски земји, да запознае други култури, да промовира меѓусебно разбирање и да го зајакне чувството за европејство.