Оливија Њутн-Џон: 27 години се борам со ракот


Австралија- Оливија Њутн-Џон (70) , ѕвездата на култниот мјузикл „Брилјантин“ со Џон Траволта како партнер, 27 години се бори со ракот на дојка. Четири пати добитничката на наградата Греми, чии пет од нејзините 42 хитови на „Билборд“ биле на прво место, и актерка во 10 филмови…, во своите мемоари „Не престанувај да веруваш“ (Don’t Stop Believin) ја раскажа својата животна приказна.

-Ракот на дојка ми е дијагностициран во 1992 година. Го опипав, ама мамографијата беше негативна. Ама го чувствував. По детелни прегледи, ми го пронајдоа, беше скриен. Затоа им советувам на жените да веруваат на своите претчувства и инстикти, откри Њутн-Џон.

Ѕвездата, родум од Австралија со холивудска кариера, вели, не била исплашена по дијагнозата.

-Си велев, сѐ ќе биде добро. Треба да се концентрирате на приоритетите, имав ќерка да израснам. Ми направија радикална мастектомија и и примав хемотерапија. Правев сѐ за да оздравам, го споделува своето искуство Оливија.

Во 1992 година луѓето не зборувале за ракот, бил табу.

-Откако ја проценивме ситуацијата, со мојот гласноговорник решивме да проговориме за мојата болест. Инаку, сум многу затворена за јавноста. Но, мислам, дека мојата приказна им помогна на многу жени кои се најдоа во ситуација како мене, вели Њутн-Џон.

Дури и болницата во која се лечела во Мелбурн е наречена по нејзиното име.  Во болницата има и велнес програми и групни терапии за сите заболени од рак.

Оливија не била уплашена ни кога лани открила дека ракот и метастазирал.

-Позитивните мисли и многу канабис ме одржаа во животот. Канабисот ми помогна со болките и со спиењето. Опијатите ги убиваат луѓето, но канабисот не, открива Њутн-Џон во своите мемоари.