Оливера беше и остана да биде гатач на загадочното писмо и јазик на човечкото суштество


Оливера ќе ни недостасува, но се надевам не премногу. Оти со секое наше ново читање и истражување на нејзиното дело и преку пишувањето за неа, ние ќе бидеме со неа. И сега, кога беседиме, тоа за мене значи дека сакаме да кажеме „Оливера, со нас си. Со се што имаш, течеш во нашата „река“ љубов за тебе, порача денеска претседателот на Друштво на писателите на Македонија (ДПМ) Живко Грозданоски, за време на комеморацијата за македонска писателка за возрасни и за деца Оливера Николова (1936-2024).

Грозданоски подвлече дека Оливера Николова ни остави огромно дело, кое полека го освојува светот и сведочи за нас и нашата култура.

-Самата Оливера во една прилика ќе рече „Во мојата интима, пишувањето за деца и пишувањето за возрасни е скоро една иста работа. Фасцинира нејзиното благородно сфаќање и начинот на пишување“. Иако јас кратко ја познавав Оливера лично, видов колку е својствено за неа заедништвото, онаа љубов кон ближниот, од тој порив за содругарство, произлегува и нејзината грижа за другите. Оливера го има дарот да се слее со духот на светот во современието и токму од таа слеаност, произлегува специфичната ангажираност во нејзините дела. Ангажираност во најубава и најненаметлива смисла на зборот, рече Грозданоски.

Тој додаде дека Оливера Николова ни е пред се драга поради нејзиниот порив по едност и по повикот по заедништво.

-Тоа можеме да го видиме по нејзината непосредност во комуникацијата. Неискажливо ни е мила нејзината разорожувачка отвореност во нашите разговори. Стремежот на Оливера кон заедништво е осебено видлив во нејзиниот последен роман „Песот со тажен поглед“. Оливера ќе ни недостасува, но се надевам не премногу. Оти со секое наше ново читање и истражување на нејзиното дело и преку пишувањето за неа, ние ќе бидеме со неа.  И сега, кога беседиме, тоа за мене значи дека сакаме да кажеме Оливера, со нас си. Со се што имаш, течеш во нашата река љубов за тебе, а тоа го кажуваме со ова беседење, посочи Гроздановски.

Тој се осврна на интервјуто на Тамара Арсова со Оливера Николова, во кое Николова зборувајќи за пишувањето, вели „Ако пишувам, тогаш сакам да кажам луѓе, со вас сум, со се што имам течам во вашата река, а тоа го докажувам со ова пишување“.

Според Грозданоски, Оливера Николова е силен фактор, што ќе продолжи да го поткрепува нашето опстојување и на оние по нас.

-„Зоки Поки“ веќе ги освои Јапонија и Скандинавија и поголем дел од Европа, но интересно ќе биде да се следи патот, по кој нејзините романи ќе бидат откривани и преведувани, за да бидат силни амбасадори на нашето битисување и фактор за нашето опстојување како култура. Оливера Николова е само навидум во минатото. Таа всушност е силен фактор што ќе продолжи да го поткрепува нашето опстојување и на оние по нас, рече Грозданоски.

Македонската поетеса, книжевна теоретичарка, aкадемик Катица Ќулавкова денеска на комеморацијата рече дека Оливера беше и остана да биде гатач на загадочното писмо и јазик на човечкото суштество.

-Оливера е читач на љубовта и омразата, на доброто и на злото, испреплетени во неразмрсливи јазоли. Шеесет години живот целосно посветен на уметноста на јазикот, раскажувањето и книжевноста, исконската посветеност, ненаметлива, достоинствена, самосвесна. Од раскажувач и драматург на авантурите на детските сништа  и мечти, Оливера стана раскажувач и романсиер, кој ги промислува авантурите со женствен и феминистички предзнак на жената од нашите македонски балкански и европски простори, во минатото и денес. Тоа го направи во романите „Адамовото ребро“, „Куклите на Росица“.. Таа раскажа на постмодерен начин приказни за хибридниот идентитет, карактеристичен за овие простори и за жал не само во минатото, рече Ќулавкова.

Како што посочи, во романот „Песот со тажен поглед“, Оливера долови еден друг вид трауматизирање на смислата на постоењето во Скопје, за време на балканските војни и Првата светска војна.

-Таа покажа дека токму кога е загрозен човечкиот живот, се создаваат услови за појава на човештината, хуманоста и емпатијата во нивната суштествена форма. Во книгата раскази „Кадифената покривка“ таа повторно се враќа на темата на жената, но овој пат навлегувајќи во најмрачните предели на женската психа и кога е во улога на мајка, и кога е во улога на револуционер или бунтовник, и во улога на терорист и во улога на сопруга и љубовница. И во оваа книга, Оливера ја покажа својата раскажувачка генијалност и мајсторство на неповторлив начин, додаде Ќулавкова.

Оливера Николова е една од најплодните и најзначајни македонски писателки. Таа е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Попознати нејзини дела за деца се:  „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), „Мојот звук“ (Награда ‘Младо поколење’,1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и други.

Нејзини дела за возрасни се: Книгите раскази „Ден за летување и Лева комора“; комедијата „Сребреното јаболко“; книгата со драмски текстови под наслов „Сребреното јаболкo“. Романите: „Тесна врата“ (Награда ‘Стале Попов’,1983), „Домашни задачи“, „Тромбот“, (Награда Стале Попов 1998, којашто ја вратила), „Адамовото ребро“ (Награда ‘Рациново признание’,2000), „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“ (награда ‘Роман на годината’ на Утрински весник, за 2004 год.), „Белиот чад“, „Куќичка“ (2012, номинирана за наградата „Балканика“ 2011), „Кадифената покривка – новелети за жени убијки“ (добитник на наградата ‘Стале Попов’ за 2015 г.), „Пешаци по црни полиња“ и „Песот со тажен поглед“ (награда ‘Роман на годината’ за 2019 год.).