Оливер Вархеи никогаш не бил член на партијата на Виктор Орбан


Зошто ВМРО-ДПМНЕ постојано го сместува еврокомесарот за проширување во рамките на Фидес и со тоа наметнува погрешни заклучоци за Оливер Вархеи

 

Можеби унгарската амбасада во Скопје треба конечно да реагира на постојаните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ (вклучувајќи го и вечерашното на Христијан Мицкоски во интервјуто за емисијата „Трилинг“ на ТВ24) дека европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи, бил член на владејачката партија во Унгарија, Фидес. Затоа што ваквото поврзување на Вархеи со партијата на премиерот Виктор Орбан го става во партиска структура во којашто тој никогаш не бил. И затоа што унгарскиот дипломат од кариера никогаш не бил член на ниту една партија во Унгарија и тој секогаш се трудел да го нагласи тоа.

Оливер Вархеи и на сослушувањето што беше во Европскиот праламент, кога одговараше на прашањата на пратениците за функцијата за која беше предложен, инсистираше дека тој е политички независен. Иако унгарските политички аналитичари одамна тврдат дека тој е близок со Фидес, но никогаш не бил нејзин член.

Вархеи голем дел од својата кариера во унгарското министерство за надворешни работи ја направи за времето на првиот и подоцнежните мандати на Орбан, но беше на високи дипломатски функции и за времето на социјалистичката влада на Ференц Ѓурчањ. На функцијата еврокомесар дојде од местото амбасадор на Унгарија во ЕУ.

И кога Вархеи беше во Скопје на новинарско прашање одговори дека тој е член на Европската комисија, а не продолжена рака на премиерот на неговата земја, настојувајќи со тоа да ги отфрли забелешките од двете страни – дека може да ги спроведува политиките на Орбан, и од друга, да ги елиминира вмровските китења дека тој во Комисијата ги спроведува желбите на Будимпешта.

По сослушувањето во Европскиот парламент, пратениците побараа и писмени одговори на неколку прашања од Вархеи за да биде потврден и во еден од нив тој го напиша ова:

„Јас нема да бидам обврзан или под влијание од некаква изјава или позиција на кој било премиер на која било земја или кој било друг претставник на која било влада“.

Уште едно тврдење на Мицкоски во интервјуто за „Трилинг“ зошто заминал во Будимпешта стои на чудни нозе. Објаснувајќи ја целта на разговорите со Орбан тој рече вака:

„Посетата таму беше исклучиво од консултативен карактер за идните политики во рамките на Европската народна партија (ЕПП) и што е можно повеќе да се излобира за Македонија“.

Сосема сигурно дека Христијан Мицкоски знае оти на партијата на Виктор Орбан, Фидес, уште од март 2019 година ѝе замрзнато членството во ЕПП и дека во јануари оваа година таа суспензија ѝе продолжена на неодредено време. Додека трае суспензијата (иако голем дел од членките бараат партијата да се исклучи од ЕПП поради илибералната политика и големото мешање во судството и подјармувањето на медиумите), на Фидес ѝе забрането да учествува во работата на сите форуми на Европската народна партија и нема право на никаков глас. Едноставно, нејзиното членство е хибернирано.

Тогаш, за какви „идни политики во рамките на ЕПП“ разговарале Орбан и Мицкоски. Кој знае, можеби ВМРО-ДПМНЕ во некое догледно време ќе предложи да биде вратено членството на Фидес во ЕПП.

Забележливо е дека ВМРО-ДПМНЕ во последно време најголемиот дел од комуникацијата со сестринските партии од ЕПП ја насочува кон Фидес и ја снема онаа со години градена мрежа во Германија, Австрија или Италија, на пример. Некој ќе рече дека причината треба да се бара што во Будимпешта има еден бегалец. Можеби. (Љ.П.)