Олимписките игри ја поттикнаа економската активност во еврозоната


Економската активност во еврозоната се подобри во август на највисоко ниво во последните три месеци. Подобрувањето се должи на неодамна завршените Летни олимписки игри во Париз, иако останува загриженоста за новите нарачки и економското расположение, според истражувањето на аналитичката компанија S&P Global и Hamburg Commercial Bank (HCOB).

Индексот на менаџери за набавка (PMI) се зголеми од 50,2 поени во јули на 51,2 поени, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три месеци во август. Вредноста на PMI над 50 поени укажува на зголемување на активноста, а под 50 на пад.

Главниот економист на HCOB, Сајрус де ла Рубија, рече дека на прв поглед подобрувањето на економската активност во август изгледало како пријатно изненадување, но повнимателниот поглед на бројките покажал дека основите се понесигурни отколку што изгледале, објави француската новинска агенција АФП.

Де ла Рубија го припишува подобрувањето на активноста главно на зајакнувањето на услужните индустрии во Франција, „што веројатно е поврзано со треската околу Олимписките игри“. „Има мали шанси овој моментум да се пренесе во наредните месеци“, предупреди тој.

Економската активност во Франција, домаќинот на Игрите, достигна највисоко ниво во последните 17 месеци, со отчитување на PMI од 52,7 поени, што е за 3,6 поени повеќе од јули. Од друга страна, PMI во Германија падна на петмесечен минимум, откако падна од 49,1 поени во јули на 48,5 поени во август.

Додека услужниот сектор зајакна во еврозоната, производната активност продолжува да слабее. Индексот PMI во преработувачката индустрија достигна најниско ниво во последните осум месеци од 45,6 поени, откако во јули достигна 45,8 поени.

Новите нарачки во преработувачката индустрија забележаа најголем пад од крајот на минатата година. Де ла Рубија верува дека штом ќе помине стимулот од Олимпијадата, ќе биде само прашање на време кога проблемите во индустријата ќе почнат да тежат и на услужните индустрии.

Според оваа прогноза, довербата во идниот обем на производство е на најниска точка оваа година, вклучително и во Германија и Франција, наведува АФП.