Олга Лукова Дончиќ и Благоја Куновски-Доре лауреати на наградата „Златен објектив“


Филмската монтажерка Олга Лукова Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре се годинешните лауреати на признанието „Златен објектив“ што го доделува Кинотеката на Северна Македонија.

Ова признание Кинотека го доделува секоја година, по повод својот роденден на 29 април, на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Олга Лукова Дончиќ е родена во Скопје во 1945 година, каде завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година.

Благоја Куновски-Доре е роден во Скопје во 1946 година, долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм „Синедејс“ при Младинскиот културен центар во Скопје; основач и програмски координатор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм Анимакс Скопје Фест. Куновски со децении наназад е член на ФИПРЕСЦИ (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique – FIPRESCI) десетина пати бил член и/или претседател на оваа водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција, Лондон, Москва, Карлови Вари. Член е на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари „ФЕДЕОРА“ (FEDEORA- Federation of the European and Mediterranean film critics). Куновски е коавтор на монографијата „Дожд: светот за филмот Пред дождот на Милчо Манчевски“ во 2004 година; коавтор и еден од уредниците на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“; соработник на филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на „Кинотечниот месечник“ и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“; соработник и уредник во филмските списанија „Синеаст“ – Сараево, „Филмска култура“ – Загреб, „Филмограф“ – Белград во екс-Југославија.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.