Олаф Шолц можен кандидат за канцелар на Германија


Берлин, 18 јуни 2020 (МИА) – Германскиот министер за финансии и вицеканцелар Олаф Шолц има добри шанси да стане кандидат на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за канцелар на изборите следната година.

– Многу социјалдемократи сметаат дека во неизвесни времиња е предност да се појде во изборна трка со лице на кое граѓаните го знаат и кому му веруваат, изјави извор од врвот на партијата и парламентарната група на СПД за „Ди Цајт“.

Кандидатот за канцелар го предлагаат претседателите на партијата Саскаја Ескен и Норберт Валтер-Борјанс, кои за предлогот ќе се изјаснат по летната пауза. За разлика од Шолц, кој припаѓа на конзервативното крило на СПД, тие ја застапуваат левата партиска фракција.

Школц во партијата е критикуван од многумина затоа што е близок со демохристијаните, поголемиот коалициски партнер во сегашната влада на канцеларката Ангела Меркел и поборник за продолжување на коалицијата со ЦДУ/ЦСУ. Негова предност е долгогодишно искуство на различни министерски функции, како и на позицијата градоначалник на Хамбург.