Олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава, ако се намали инфлацијата


Пролетните проекции за инфлацијата во земјава на Меѓународниот монетарен фонд се слични со есенските очекувања на Народната банка, дека инфлацијата ќе се намалува и годинава за околу 4 отсто и за околу 2 отсто догодина, во просек. Трендовите се поволни и доколку инфлацијата и натаму се намалува во согласност со проекциите, без да се остварат позначителни ризици, тоа ќе создаде простор за промена на монетарната политика во втората половина од оваа година, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Говорејќи за економскиот раст, во интервју за Гласот на Америка коешто го даде за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, таа укажува дека со оглед на големата трговска и финансиска отвореност на нашата економија, изгледите за растот годинава и догодина, покрај од домашните фактори, во голема мера ќе зависат и од глобалните случувања.

– Според најновите проекции на ММФ, глобалната економија и натаму би растела со стабилна стапка од 3,2 проценти, во 2024 и во 2025 година, што сепак е малку подобро од претходните очекувања. Низ подолгорочна перспектива, овие стапки на економски раст се историски ниски, што говори дека кризите оставија подолгорочни последици врз глобалната економија. За ЕУ, којашто е нашата најзначајна економска партнерка, се очекува постепено забрзување на растот, односно од 0,5 проценти во 2023 година на 0,9 проценти и на 1,7 проценти за годинава и за следната, но тоа сепак е побавно во однос на претходните очекувања. За македонската економија, ММФ направи надолна ревизија за годинава, односно 2,7 проценти во споредба со претходните очекувања од 3,2 проценти, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа посочува дека Народната банка работи на пролетните макроекономски проекции за нашата економија, во кои ќе бидат вклучени најновите расположливи податоци. Пролетните проекции на Народната банка ќе бидат објавени во текот на следниот месец.

Во интервјуто, гувернерката се осврна и на постојаните напори на Народната банка за јакнење на транспарентноста, што, како што велат од НБ, било препознаено и од испитаниците на анкетата спроведена од Светската банка, кои ја препознале Народната банка како домашна институција со најголема доверба.

-Гувернерката Ангеловска-Бежоска во интервјуто говори и за значењето на поддршката за женското претприемаштво, коешто може да придонесе за подигање на економскиот раст. За таа цел се и активностите на Народната банка со новиот Меморандум за поддршка на женското претприемаштво, којшто неодамна го склучи со ЕБРД, се вели во соопштението од Народната банка.

Со овој проект, Народната банка го проширува опфатот на своите активности во овој домен и како предводник на проектот, ќе работи заедно со јавниот и со приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.