Октомвриската инфлација во Британија е највисока во последните 40 години


Зголемените сметки за енергија во домаќинствата и цените на храната ја поттикнаа британската инфлација на нов 41-годишен рекорд во октомври, покажаа податоците, кои се обновени еден ден пред презентацијата на министерот за финансии Џереми Хант за зголемување на даноците и намалување на јавните трошоци за да се запре инфлацијата.

Потрошувачките цени во Велика Британија минатиот месец се зголемија за 11,1 отсто на годишно ниво, што е највисокото ниво од октомври 1981 година, значително отскокнувајќи од септемвриските 10,1 отсто, соопшти денеска британската Канцеларија за национална статистика (ОНС).

ОНС во соопштението наведе дека инфлацијата би достигнала околу 13,8 отсто во октомври доколку владата не интервенирала со ограничување на цените на енергијата за домаќинствата во просек на 2.500 фунти (2.960,25 долари) годишно.

Цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснаа со најбрзо темпо од 1977 година, најсилно погодувајќи ги оние со најниски примања, соопшти ОНС.

Коментирајќи ги податоците, Хант, кој утре треба да го претстави новиот буџет, рече дека се потребни „тешки, но неопходни“ одлуки за владата да се справи со растечките цени.

– Наша должност е да и помогнеме на Банката на Англија во нејзината мисија да ја врати инфлацијата на целното ниво, постапувајќи одговорно со државните финансии, вели Хант во соопштение.

ОНС констатира дека домаќинствата со ниски приходи се соочуваат со поголем удар од инфлацијата отколку најбогатите граѓани бидејќи трошоците за енергија и храна заземаат поголем дел од нивниот приход.

Домаќинствата со најниски примања, како што се наведува, претрпеле стапка на инфлација од 11,9 отсто, додека оние со највисоки приходи се соочиле со стапка од 10,5 отсто.