ОКТА: Профитот закрепнува, делумно амортизирани последиците од падот на цените и побарувачката на нафта

ОКТА се врати на профитабилно ниво во вториот квартал од 2020 година, во време на екстремно предизвикувачки околности, соопшти компанијата. Сето ова беше возможно преку одржување строги здравствени и безбедносни стандарди, осигурувајќи услугата кон клиентите да остане непречена, а ефективните мерки за контрола на трошоците во сите бизнис сектори ѝ овозможи на компанијата постепено да ги неутрализира ефектите од притисоците на маржата, се вели во презентацијата на финансиските резултати на ОКТА.

Прилагодената ЕБИТДА, како главен показател за оперативната профитабилност на ОКТА, во првата половина од 2020 година достигна 257 милиони денари, надминувајќи ги 157 милиони денари од истиот период минатата година. Зголемената ЕБИТДА е постигната преку способноста на компанијата за дополнителна поддршка на продажбата преку правилно менаџирање на залихите, во време на крајно нестабилни цени како и добиените тендери за снабдување на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, заедно со позитивниот ефект од континуираната оптимизација на индиректните трошоци.

Вториот квартал на 2020 година следи аналоген тренд, постигнувајќи 139 милиони денари, значително надминувајќи ги 99 милиони денари од вториот квартал на 2019 година, како резултат на претходно образложените причини.

Приходите од продажба достигнаа 7.778 милиони денари во првата половина од 2020 година, и сè уште заостануваат зад 12.639 милиони денари за истиот период лани.

Бруто маржата, следејќи го истото темпо, за првите шест месеци од 2020 година достигна 91 милион денари, што е значително заостанување во однос на 464 милиони денари за истиот период минатата година, како негативна последица од големиот пад на меѓународните цени на горивата во првите четири месеци од 2020 година. Во текот на вториот квартал од 2020 година, добивката пред оданочување изнесуваше 96 милиони денари, надминувајќи ги за 10 милиони денари од истиот период минатата година, искористувајќи го позитивниот ефект од продажбите во Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати по добиените тендери во тој период, како и постигнатата засилена оперативна ефикасност.

И покрај надминувањето на очекуваните резултати во текот на вториот квартал од 2020 година, што до одреден степен имаше закрепнувачки ефект, добивката пред оданочување во првата половина од 2020 година, сè уште е на негативно ниво од 227 милиони денари, како последица на негативното влијание од споменатиот голем пад на меѓународните цени на горивото, што доведе до штета на вредноста на залихите на ОКТА во износ од 171,3 милиони денари и негативен ефект на залихите во износ од 175,3 милиони денари.

ОКТА успешно ги ублажи негативните ефекти врз нејзините готовински текови, кои произлегоа како резултат од кризата со ковид – 19, што во исто време ѝ овозможи на компанијата да ги искористи комерцијалните можности и да ја поддржи сопствената стратегија без да искористи какви било кредитни линии.

Во 2019 година, Царинската управа спроведе контрола во ОКТА на акцизите за увоз на еуродизел во периодот од 2014 до 2018 година. Според нивното мислење, акцизите за овие увози не биле правилно пресметани, по што донесоа Решенија за фискалната 2014 година, со кои се наметна дополнителен износ во висина од 23 милиони денари, кој беше платен во 2020 година.

ОКТА, во текот на 2019 година, поднесе тужби, поведувајќи управни спорови со барање за целосно поништување врз основа на суштински прекршувања на процедуралните правила од страна на царинските органи и нивни пропусти при целосното и правилно утврдување на фактите за случајот, како и правилното применување на суштинските закони.

Во јули 2020 година, Царинската управа донесе нови решенија за фискалната 2015 година, наметнувајќи дополнителен износ во висина од 88,4 милиони денари. ОКТА ќе поднесе тужби, согласно пропишаните рокови и ќе бара целосно поништување, од истите причини споменати претходно. ОКТА очекува предметот да има позитивен исход, кога правната процедура ќе биде целосно завршена.

Во текот на вториот квартал ОКТА продолжи со поддршка на здравствениот сектор во државата. Како дел од овие активности, компанијата заедно со своите вработени, донираше пречистувачи за воздух на хемато-онколошкото одделение при Клиниката за детски болести во Скопје. Средствата за оваа донација беа обезбедени преку еко-акција за собирање и рециклирање стари електрични и електронски уреди од домовите на вработените. Својата хуманост вработените во ОКТА ја покажаа и преку учество во крводарителска акција, којашто и во време на криза беше организирана од страна на Црвениот крст на ОКТА.

Компанијата останува посветена на фер и транспарентната соработка со сите свои партнери, добавувачи и потрошувачи, со цел да осигура редовно и непрекинато снабдување со висококвалитетните горива на локалниот и на соседните пазари, додека во исто време продолжува да расте и да придонесува во заедницата, се вели во соопштението за финансиските резултати на компанијата ОКТА.