ОКТА ја инсталираше петтата фотоволтаична централа поставена на фабриката „Мода“ во Свети Николе

ОКТА АД – Скопје го реализираше својот најголем партнерски проект во сегментот обновливи извори на енергија. Станува збор за фотоволтаична централа со вкупна инсталирана моќност од 296,40 kW, која е поставена на покривот на текстилната фабрика Мода Свети Николе. Централата е веќе пуштена во употреба и произведува „зелена“ електрична енергија за потребите на фабриката.

„Особено сме горди што во услови на криза и неизвесност, годинава успеавме да реализираме и пуштиме во употреба две фотоволтаични централи, со што вкупниот број вакви капацитети во портфолиото на ОКТА достигна пет. Остануваме силно посветени на стратегијата за инвестиции во обновливи извори на енергија преку примена на иновативни технологии. На овој начин постигнуваме двоен ефект – им помагаме на нашите партнери да ја рационализираат потрошувачката на струја и во исто време придонесуваме за намалување на факторите кои имаат негативни ефекти врз животната средина“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.

На покривот на Мода Свети Николе се поставени 1.060 фотонапонски панели од реномираниот производител Multicrystalline Trina Solar, додека шесте инвертори се од брендот Huawei. Очекуваното годишно производство на фотоволтаичната централа е 428 MWh електрична енергија.

„Електричната енергија учествува со голем процент во нашите вкупни производствени трошоци. Токму затоа без размислување се вклучивме во овој проект кој се разбира има бенефит за нашата компанија, но во исто време е и општествено одговорен, бидејќи придонесува за заштита на животната средина. Сметам дека како бизнис сектор имаме задача и обврска да бидеме предводници на одредени процеси во државата, а оваа активност е токму во таа насока“ вели Ангел Димитров, претседател на одборот на директори на Мода Свети Николе.

Ова е втора текстилна фабрика на која ОКТА инсталираше фотоволтаична централа откако претходно ваков капацитет беше поставен на Конфекција и трикотажа АД Единство во Струмица. Дополнително, компанијата има инсталирано централи и на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, Меѓународното училиште НОВА, како и во кругот на инсталациите на ОКТА, наменета за сопствени потреби.