OKTA во 2018 со зголемена продажбата на странските пазари
ОКТА ја обележа 2018 година со подобрување на продажбата, главно благодарение на значителното зголемување на продажбата на странскиот пазар и успешното одржување на високиот домашен пазарен удел. И покрај сите предизвици со кои се соочи во текот на 2018 година, компанијата успеа да истрае во конкурентното пазарно окружување и да биде еден од двигателите на економијата овозможувајќи непрекинато снабдување со гориво за сите сектори, а со тоа останувајќи главен снабдувач на гориво во земјата.
Прилагодената ЕБИТДА во 2018 година достигна 357 милиони денари, што заостанува зад 556 милиони денари во 2017 година, главно поради повисоките попусти чиј ефект беше делумно неутрализиран со континуираното оптимизирање на трошоците. Приходите од продажба достигнаа 27.514 милиони денари, што е повисоко во споредба со истиот период од минатата година (23.100 милиони денари). Прилагодената добивка пред оданочување во 2018 година, не земајќи ги предвид еднократните неоперативни трошоци (185 милиони денари), изнесува 83 милиони денари, што е пониско во споредба со 345 милиони денари остварени во истиот период минатата година. Тоа главно се должи на ефектот од повисоките дисконти кои се резултат на промените во структурата на плаќање, што во одредена мера беше неутрализиран од позитивниот ефект од оптимизација на трошоците. Во четвртиот квартал на 2018 година, остварена е загуба пред оданочување од 57 милиони денари, не земајќи ги предвид претходно споменатите еднократните неоперативни трошоци, главо поради различниот ефект од движењето на цените на горивото на светските пазари, што резултираше со значително негативно влијание врз вредност на залихата во 2018 година во износ од 79 милиони денари, наспроти прилично позитивниот ефектот од минатата година од 53.5 милион денари.
Ликвидноста, како резултат на промените во структурата и динамиката на плаќања, останува на рекордно високо ниво, што на компанијата и обезбеди да ги извршува своите оперативни активности без притоа да ги употреби кредитните линии кои ги има на располагање.
Во текот на четвртиот квартал OKTA ја потврди улогата на посветена корпоративна компанија преку низа општествено одговорни активности. На почетокот на ноември компанијата додели целосни стипендии за постдипломски студии на десет успешни студенти на шест факултети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Во пресрет на новогодишните празници, ОКТА традиционално, четврта година по ред средствата предвидени за корпоративни подароци ги пренамени во добротворни цели. Компанијата донираше дигитален логопедски сет во Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“ во Скопје. Еко проектот на ОКТА за прочистување нафтен талог со растенија беше награден со Признание за една од најдобрите општествено одговорни практики во 2018 што е уште една потврда за успешната година во делот на општествената одговорност.