„Оксидентал“ го купува „КраунРок“, еден од најголемите производители на нафта од шкрилци


„Оксидентал петролеум“ денеска објави дека склучила договор за преземање на приватната нафтена компанија „КраунРок Енерџи“, еден од најголемите производители на нафта од шкрилци во САД, во вредност од 12 милијарди долари.

Ова е трета зделка за консолидација на американскиот нафтен сектор откако „ЕксонМобајл“ го откупи „Пајонир Натурал Рисорсес“ за 64.5 милијарди долари и преземањето на „Хес Корп“ од „Шеврон“ вредно 53 милијарди долари

Сите овие зделки се на компании што работат во Пермскиот базен, регион во Тексас и мал дел во Ново Мексико каде се црпи најголемиот дел од американската сурова нафта.

Според „Си-ен-би-си“ „КраунРок“ развива нафтено поле за црпење од шкрилци големо 40.469 хектари во западниот дел на Тексас, во средишниот дел на базенот, што се простира низ 20 окрузи од каде доаѓа 15 отсто од американската сурова нафта.

-Се работи за големината и за инвентарот, и сè што ќе ни помогне да ги зголемиме дивидендите, изјави Вики Хоули, извршна директорка на „Оксидентал“.

Компанијата ги зголеми дивидендите од 18 центи за акција на почетокот на годината до 22 центи сега.