О’Конел: Оној кој вели дека немало воени злосторства во Косово лаже


Амбасадорот на Обединетото Кралство во Косово Руаири О’Конел порача дека „не смее да се негира минатото“ и „не смеат да се заборават убиените цивили, Албанци и Срби, жртвите на масакрите кои се случија во војната пред 20 години“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се во Призрен на започнувањето на проект за ревитализација на градска улица со културно-историско наследство, О’Конел рече дека „тие што ги негираат воените злосторства во Косово лажат“.

Британскиот амбасадор потсети на повеќе масакри врз цивилното население во Косово во 1999 година.

– Ние не смееме да го заборавиме Речак, Голема Круша, Через, Меја, Ќишка, Павлан, Захаќ, Дубрава и многу други масакри кои се случија во Косово. Тие што ги негираат – лажат, изјави О’Конел.

Тој потсети и на настаните од 2004 година, кога беа запалени православни цркви и куќи на Срби во Косово, а меѓу убиените во тие безредија биле и дедото и бабата на негов пријател Србин.

– И тие што ги негираат овие злосторства лажат, рече британскиот амбасадор.

Тој изрази уверување дека „косовското општество може да најде сили за да се справи со таа болка и да изгради една подобра иднина“.

– Доколку сакаме мир и просперитет треба да најдеме храброст да ја кажеме вистината, изјави О’Конел.