Околу 80 отсто од Американците во Бајден гледаат победник на изборите

САД– Речиси 80 ​​проценти од Американците, вклучувајќи и над 50 отсто од републиканците, го признаваат кандидатот на демократите Џозеф Бајден за победник на претседателските избори во САД, покажуваат резултатите од анкетата на Ројтерс и Ипсос.

Во анкетата, спроведена меѓу саботата и вторникот, 79,7 проценти од Американците со право на глас сметаат дека Бајден победил во трката за влез во Белата куќа.

Околу 13 проценти сметаат дека претседателските избори се уште се неодлучени, три проценти  дека победил Трамп, додека пет проценти велат дека не знаат кој победил, наведуваат британските медиуми.

Кога станува збор за политичките партии, од 10 анкетирани републиканци околу шест од нив изјавиле дека Бајден победил, додека речиси секој демократ кој учествувал во анкетата изјавил дека победник е кандидатот на демократите

Околу 72 проценти од анкетираните кажале дека поразените на изборите треба да го признаат поразот, а 60 проценти од анкетираните сметаат дека ќе има мирна транзиција на власта по истекот на мандатот на Трамп во јануари.

Во истражувањето биле анкетирани 1.363 возрасни Американци низ САД.

Додека претседателската трка меѓу Бајден и актуелниот претседател на Републиканската партија, Доналд Трамп, и натаму е неодлучена во трите американски сојузни држави, британските медиуми наведуваат  дека Бајден, кому му се потребни 270 електорски гласа за победа, според последните резултати објавени од „Едисон рисрч“ од вчера попладне, веќе освоил 279 гласа од електорите, а Трамп 214.