Околу 700 лица без лични документи ќе добијат прв извод на родени


Со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, што го усвои Собранието, обезбедена е институционално – правна рамка за тие конечно да добијат граѓански идентитет, соопштија од Министерството за труд и социјална политика. Во изминатиот период биле идентификувани околу 700 лица без извод на родени кои сега, согласно новиот Закон ќе добијат идентификациона исправа, а потоа и прв извод од матична книга на родени.

„Целта е лицата кои не се евидентирани во матична книга на родени, да се евидентираат во посебна матична книга на родени, по што ќе добијат исправа за идентификација (лична карта) заради остварување на право на образование, здравствена и социјална заштита како и вработување со задолжително социјално осигурување. За овие лица, Законот предвидува постапка за дополнителен упис во матична книга на родените и добивање на прв извод“, вели дополнителната заменик – министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Таа додава дека проблемот со лицата што не се евидентирани во матична книга на родени е нотиран одамна, но бил игнориран од надлежните институции.

„Такви лица, наспроти јавната перцепција, има од сите етнички заедници. Наша определба во изминатиот две и пол годишен период беше дека овие лица, кои најчесто се од најранливите општествени слоеви, не смееме да ги оставиме да живеат на маргините на општеството. Затоа почнавме со систематско и фазно решавање на ова прашање, во соработка со другите институции: МВР, Управата за водење матични книги и центрите за социјална работа како и со силна поддршка на меѓународните организации, ОБСЕ и УНХЦР. Беа идентификувани околу 700 лица без извод на родени, и тие согласно новиот Закон ќе добијат исправа за идентификација, а потоа и прв извод од матична книга на родени“, вели Шкријељ.

Новиот закон е во согласност со препораките од ЕУ. Со новиот Закон, ќе им се овозможи на лицата кои што немаат и не можат да пријават адреса на живеење поради различни причини, како што е нелегализиран објект или непоседување на имотен лист, да пријават адреса на живеење и да се евидентираат на адресата на центарот за социјални работи во местото на нивното живеење, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика. (Н.В.)