Околу 70.000 деца се раселени поради турската офанзива во Сирија
Меѓународната хуманитарна организација Сејв д чилдрен (Save the children) соопшти дека околу 70.000 деца се раселени од почетокот на турската офанзива во североисточниот дел на Сирија, додека ОН наведува дека повеќе од 176.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
Организацијата нагласи дека многумина од раселените нашле засолниште во околу 25 училишта во градот Хасакех, југоисточно од областа каде што Турција на 9 октомври ја започна офанзивата против Курдите во североисточниот дел на Сирија.
Хуманитарната група тврди дека во тој град и околните области нема вода за пиење, бидејќи во борбите се оштетени водните пумпи.
Директорката на тимот на таа група за реагирање во Сирија, Соња Куш побара неограничен пристап до децата, на кои им е потребна помош.