Околу 250 илјади вработени и 35 илјади компании можат да побараат помош за исплата на минимална плата
Со директната помош во износ од 14.500 денари за исплата на платите за април и мај се опфатени околу 250 илјади вработени и 35 илјади компании, рече на прес конференција премиерот Оливер Спасовски, презентирајќи детали од усвоените уредби со законска сила за спроведување на владината мерка за спас на работните места.
„Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки“, рече Спасовски нагласувајќи дека мерката е директно насочена за зачувување на работните места во компаниите погодени од корона кризата.
Сумата која што ќе ја добие за двата месеци секој работник е вкупно 29 илјади денари, или речиси 500 евра, односно по 14.500 денари месечно, пари кои ќе бидат префрлени на сметката на работодавачот, но се наменети за вработените, рече Спасовски.
„За да биде појасно, под поимот работодавач од приватниот сектор се опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачи кои преку приватни агенции за вработување ангажираат работници“, објасни премиерот.
Тој додаде дека сумата од 14.500 денари се однесува за полно работно време, а доколку вработениот бил ангажиран со скратено работно време ќе биде исплатен сразмерен износ.
Финансиската поддршка ќе се исплаќа до 13 во месецот за претходниот месец.
Како алтернатива на оваа мерка компаниите можат да изберат да ја користат и мерката за покривање на 50 проценти од придонесите на платите на вработените.
„Ќе се даде финансиска поддршка за сервисирање на обврските за исплата на придонесите од задолжителното социјално осигурување поради намалената ликвидност кај фирмите погодени од корона кризата. Се предвидува за секој вработен осигуреник за април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50 проценти. Притоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50 проценти од придонесите за задолжително социјално осигурување, пресметани на просечната бруто плата по работник според податоците на Државниот завод за статистика објавени во јануари оваа година“, рече Спасовски.
Со мерката се очекува да бидат опфатени околју 20 отсто од осигурениците односно околу 53 илјади осигуреници за што се потребни 284,3 милиони денари месечно, односно 568,6 милиони за април и мај.
„Не може да се користат двете мерки, туку само една од мерките по избор“, појасни Спасовски.
Владата ја донесе и Уредбата со која ќе се овозможи финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност за април и мај.
Оваа Уредба е за занаетчии и вршители на самостојни дејности кои ги чувствуваат последиците од кризата.
„Финансиската поддршка ќе се спроведува преку владината програма со исплата на трансакциска сметка – исплата во износ од најмногу 14.500 денари месечно, за април и мај“, рече Спасовски.
„Со овие уредби ја спроведуваме мерката за спас на работните места на македонските граѓани и ги помагаме работниците, фирмите и економијата“, рече Спасовски.