Околу 150.000 пријави за несакани реакции и над 100 смртни случаи се поврзуваат со лековите за слабеење во Велика Британија


Околу 150.000 пријави за несакани реакции и повеќе од 100 смртни случаи се поврзуваат со лековите за слабеење во Велика Британија, покажува анализа на британскиот весник The Times, базирана на податоци од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA).

Според анализата, најголем број пријави се однесуваат на лекот Mounjaro (тирзепатид), за кој се регистрирани 100.810 пријави за несакани реакции, од кои 10.434 се класифицирани како сериозни, а во 98 случаи е пријавен смртен исход.

За Wegovy (семаглутид) се поднесени 44.073 пријави, од кои 4.892 сериозни, а 37 случаи завршиле со смртен исход. Кај Saxenda (лираглутид) се евидентирани 3.021 пријава, 734 сериозни реакции и 18 смртни исходи.

Податоците се собираат преку системот Yellow Card, кој им овозможува на пациентите, нивните семејства и здравствените работници да пријавуваат сомневање за несакани ефекти од лекови. Сепак, MHRA нагласува дека пријавените смртни случаи не значат дека лековите директно ја предизвикале смртта, бидејќи тие може да бидат поврзани и со други, претходно недијагностицирани заболувања. Исто така, еден пациент може да поднесе повеќе од една пријава, па бројот на реакции не е еднаков на бројот на лица.

Најчесто пријавените несакани ефекти се гастроинтестинални проблеми. Кај тирзепатидот се регистрирани 65.991 вакви реакции, кај семаглутидот 28.884, а кај лираглутидот 1.461.

Во јануари годинава, MHRA ги ажурираше предупредувањата за овие лекови поради зголемен број случаи на акутен панкреатитис, вклучувајќи и тешки и фатални форми на воспаление на панкреасот. До тогаш биле пријавени 1.143 случаи, од кои 17 со смртен исход.

Главната службеничка за безбедност на MHRA, д-р Алисон Кејв, изјави дека за огромното мнозинство пациенти овие лекови се безбедни и ефикасни, но нагласи дека пациентите треба веднаш да побараат медицинска помош доколку почувствуваат силна и постојана болка во стомакот, особено ако е проследена со гадење и повраќање.

Во меѓувреме, во САД се поднесени околу 4.400 тужби против производителите Novo Nordisk и Eli Lilly, во кои пациентите тврдат дека лековите предизвикале сериозни здравствени компликации, вклучувајќи оштетување на видот, пукање на дебелото црево и тешки епизоди на повраќање.

Според The Times, лековите за слабеење треба да се користат исклучиво по препорака и под надзор на лекар.