Скопското обвинителство го изготви барањето за екстрадиција на Палевски од Турција

Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација


Љупчо палевски фотографиран од турската полиција по неговото апсење

 

Основното јавно обвинителство Скопје го изготви барањето за екстрадиција од  Турција на Љупчо Палевски осомничен за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од Интерпол, Анкара, е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во  Турција.

Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство.

Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Македонија и  Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, ова барање за екстрадиција итно го достави до Министерството за правда.

Помалу од една недела се криеше Љупчо Палевски во три балкански држави, плус Македонија, пред конечно да биде уапсен од турската полиција вчера попладне во градот Баликесир. Сега тој е во екстрадициски притвор и го чека завршувањето на постапката пред да биде испорачан во нашава земја за да се комплетира доказната постапка во едно од најсвирепите злоторства кои ги памети Македонија – грабнувањето и ликвидацијата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска.

Потрагата по Палевски се претвори во регионален лов на осомничениот злосторник по убиствата што го растревожија и фрлија во тага целиот Балкан. Во неделата попладне беше распишана „црвената“ потерница на Интерпол и за само еден ден Љупчо Палевски беше уапсен. Засега е нејасно зошто Палевски го одбрал токму Баликесир, а не некој од поголемите градови во Турција. Тие детали можеби ќе се дознаат кога тој ќе биде испорачан во Македонија.