ОЈО oтвори предмет за сообраќајниот софтвер на Рашковски


Фото: Б. Грданоски

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.

– Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на  софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираат од ОЈО.

Од Обвинителството, посочуваат дека во меѓувреме, откако се издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството доставило известување во врска со нивното постапување во случајот.

Инаку, владиниот Генерален секретаријат, во времето на Драги Рашковски набавил софтвер за сообраќајни прекршоци, кој не е во употреба, а бил платен 81.000 евра. На огласот на Генералниот секретаријат на Владата во ноември 2019 година за изработка на софтвер за сообраќајни прекршоци, за автоматско казнување во системот „Сејф сити“ на МВР  се пријавиле три компании. Победила компанијата „Инвока“. Софтверот е платен во февруари 2020 година, шест дена пред изборите. Софтверот веќе една година не е во употреба.