Обвинителството отвори предмет за ФБ статусот на Апасиев „Сите ќе ве стреламе“


Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија, по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

„Истовремено за истото лице пристигнаа две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, се вели во соопштението од ОЈО.

Иако не се соопштува за кого во јавноста е јасно дека тоа се однесува на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој ноќта на изборите, кога стигнуваа резултатите напиша на Фејсбук: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.

На вчерашната прес-конференција Апасиев беше прашан на кого мисли во објавениот статус, на што тој одговори: „Па сите“. Уште дополнувајќи „Заклучете си сами“ на кого се однесува тоа „сите“.

Основното јавно обвинителство Скопје по оформување на предметот, издаде наредби за електронско документирање на сите спорни статуси од социјалните мрежи кои ги објавил Апасиев до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи. За да се утврдат фактите, обвинител го повикал Апасиев да даде исказ во обвинителството.