Обвинителството проверува портали преку кои енормно се рекламирала ВМРО-ДПМНЕ на изборите


Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи изутринава спроведе координирана акција при што е одземена документација од три фирми за кои постои основано сооменение дека во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.

Од ОЈО информираат дека надлежен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција издал наредба за проверка на фирмите.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност“, стои во соопштението од ОЈО.

Според она што се дознава неофицијално, раководството на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребило пари на граѓаните во кампањата за изборите изборите на 15 јули.

Сомневањата се дека е прекршен членот 76-д од Изборниот законик кој пропишува дека сумата која може да се исплати на еден електронски медиум и печатени медиуми, од страна на еден учесник во изборниот процес, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, не може да биде повисока од 15 илјади евра без пресметан ДДВ. Порталите, според сомневањата, биле формирани наменски пред изборите, без импресум, адреса седиште и што е најважно, немале ценовник за рекламирање на партиите.

А1 ОН објави вчера дека ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање на портали потрошила 166 илјади евра, ДУИ 79 илјади, а СДСМ 33 илјади евра. Шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска, за А1ОН денеска изјави дека „полицијата по допрен глас отвори постапка и до нас достави барања за наредби за собирање докази“. Наредбите биле издадени вчера, а полицијата постапува денеска.

Наводно, се работи за порталите lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, biznisvesti.mk, makpress.mk, times.com.mk, кои што се во сопственост на три фирми од Скопје.