ОЈО: Испукани повеќе куршуми од близина во таткото и детето кај Слупчане


Истрелани биле повеќе куршуми од близина во возилото каде вчера беа пронајдени телата на таткото и детето во атарот на селото Слупчане, ќе се врши обдукција, ќе се вештачат подигнатите траги од местото и возилото, соопшти денеска обвинителството кое извршило увид.

-Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид во близина на село Слупчане каде синоќа беше пронајдено возило кон кое биле истрелани повеќе куршуми. На увидот беше констатирано дека од близина е пукано во патничкото моторно возило во кое се наоѓале две лица, возач и неговото осумгодишно дете. Двете лица биле смртно повредени и починале на лице место, се наведува во соопштението на обвинителството.

По насока на надлежен јавен обвинител, увидната екипа на Министерството за внатрешни работи ги обезбеди и подигна трагите од лице место кои ќе се вештачат.

– Пронајдени се и подигнати поголем број испукани чаури преку чие вештачење се очекува да се утврдат битни факти во предметот. Ќе биде извршено вештачење и на возилото на кое се видливи повеќе траги од напад со огнено оружје. Издадена е и наредба за вршење обдукција на телата на починатите, стои во соопштението на обвинителството.

Основното јавно обвинителство Куманово во континуитет презема дејствија, со цел целосно расчистување на настанот.