ОЈО ГОКК отвори предмет за финансиски криминал, претреси на повеќе локации


Фото: Б. Грданоски

 Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти.

Како што информираат од ОЈО, предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи.

– Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови, велат од обвинителството.

Оттаму дополнуваат дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.

–  Претресите сè уште се во тек. Со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката, дополнуваат оттаму. 

Канал 5 иобјави дека на полициски разговор се повикани десетина управители, адвокати, нотари што се поврзани со работењето на струмички и скопски фирми што функционираат во систем на криминална пирамида. Во веста од Канал 5 се вели и дека неофицијално станува збор за афера тешка десетици милиони евра, како и дека акцијата е насочена кон струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев. Претресите се врпат во Скопје, Струмица и во Гостивар  неофицијално се поврзуваат со колапсот на „Еуростандард банка“ на Трифун Костовски. 

 По колапсот на Еуростандард банка, Трифун Костовски изјави дека загубата од над 60 милиони евра произлегува од договорите склучени помеѓу бизнис кругот на поранешниот премиер Зоран Заев и управата на банката, без негово предзнаење за можните сомнителни активности. Костовски истакна дека „голем дел од необезбедените кредити биле распределени на фирмите наКрмзов во Струмица. Овие компании, кои се бројат помеѓу 18 и 20, опфаќаат широк спектар на дејности, од основни до сложени. Не можам да разберам како таков партнер можел да биде дел од нашата банка“, изјави тогаш Костовски.