ОЈО: Го киднапирале внукот на Љубе Бошкоски за да го плати украдениот хероин


Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против две лица, за грабнување и помагање при грабнување на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.

Првообвинетиот на 3 март годинава, заедно со лицето, кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, го грабнале Самоил, со закана дека ќе го убијат.

„Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – хероин во количина од 4 килограми“, соопшти Обвинителството на 8 септември.

Второто лице опфатено со Обвинителниот акт со умисла им помогнало, односно тој им го позајмил автомобилот со кој се превезувале додека го извршувале кривичното делот.

Обвинетите го грабнале Костадиновски и го однеле на непознато место. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.

Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.

Јавниот обвинител, предлага мерка притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор.

На 7 јули беше ранет таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, Љупчо при вооружен напад пред неговиот дом во скопската населба Аеродром, потврди полицијата. Татково во јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син, кој беше пријавен за исчезнат на 3 март.

Семејството се роднини на сопругата на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.