Охриѓанец се жали: Кој стигне гради хотели, а јас не можам куќа за четирите деца


Охриѓанецот Спирко Топаловски се жали дека градските власти не му даваат да изгради куќа во населбата Рача, со образложение дека патот до кој го започнал објектот е дивоградба, а на помала оддалеченост од местото се градат луксузни вили и хотели. Тој со своите четири малолетни деца живее во 35 метри квадратни и вели оти единствено што сака да им обезбеди пристоен дом.

Шестчленото семејство сега живее во 35 метри квадратни

„Градам куќа затоа што живеам во 35 квадрати, со сопругата и четири деца. Градам А4 објект за домување во населбата Рача, а не хотел, не викендичка. Правам куќа за живеење, а не капитален објект. Дивоградба ми ги прават ѕидовите и темелите. Немам објект. Кој дојде изгради хотели и вили. И веднаш им ги легализираат. Јас сѐ до сега си имам платено. Сите одобренија ги имам добиено дека смеам да градам. Но, во средата ми ставија жолта лента дека не можам да градам, затоа што од Агенцијата за државни патишта рекле оти мора да се стопира затоа што патот до кој го започнав објектот бил булевар“, вели Топаловски за Ohrid1.com

Тој прашува зошто ако патот е булевар, им дозволуваат да градат на познати бизнисмени? Топаловски вели дека на ова прашање му образложиле оти до некаде имало план, а на потегот каде што е неговото земјиште – немало план.

„Ова не им држи затоа што ќе ги кажам сите објекти кои се градат, добиле дозволи, легализирани се сега во дел каде што нема план. Ми рекоа одозгора да влегувам, но зошто ова правило не важи за сите туку само за мене?“, прашува Топаловски.

Тој посочува дека примери каде што објекти се креваат за два месеци, на стариот пат Охрид – Струга, до болницата за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, само периодов се изградиле три објекти.

„Ја барам правдата и ќе ја барам. Охриѓани сите ме знаат, јас го сакам Охрид повеќе од сите .. на мое место не можам да напрам куќа, а околу мене се градат хотели. Нека види целиот свет како живееме. Зарем треба и јас да си одам од државава? Токму селективната правда ги избрка сите од оваа држава“, заклучува Топаловски.