„Охридско лето“ во сенката на Ковид-19: Концертите ќе зависат од мерките  


Дали јубилејното издание на Охридско лето годинава ќе започне во традиционалниот термин на 12 јули, дали ќе ги намали публиката и концертите, и дали гостите од странство ќе допатуваат во Охрид се дилемите со кои се соочува најголемиот културен настан кај нас.

-Во постојана комуникација сме со Министерството за култура со цел да се види од кога и како би се одвивала целата манифестација. Една од опциите е да започнеме со Фестивалот на 4 август, кога традиционално се слави роденденот на „Охридско лето“, изјави за „Независен“ директорката Наташа Поповиќ.

Подготовките за реализација на годинешново 60- то јубилејно фестивалско издание започнале веднаш по завршувањето на  минатото издание.

-Тоа значи дека токму овој период повеќето работи се завршени но секако се работи и на прилагодување на некои активности со оглед на новонастанатата состојба со Корона вирусот. Постојано сме во преговори со уметниците кои треба да бидат дел од Охридско лето 2020 година. За жал сеуште е неизвесно какви мерки во иднина ќе бидат превземени во справување со вирусот. Чекаме да видиме какви ќе бидат насоките од Владата и Министерството за култура, вели Поповиќ.

Корона кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понуди годинава фестивалот.

– Ќе се потрудиме да имаме поголем број на онлајн концерти, настани кои љубителите на уметноста ќе можат да ги следат преку лајв-стриминг. Сепак како Национална установа од областа на културата секако дека ќе ги следиме мерките на Владата на Република Северна Македонија против ширењето на коронавирусот, објаснува Поповиќ.

Овој период се работи и на подготовка на сцените и на се она што значи тековни активности.

-Целосно и професионално сме ангажирани Фестивалот да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат успешната културна приказна на Охридско лето изминативе 60 години, вели директорката на „Охридско лето“.

Сеуште е неизвесно и тоа дали Охрид годинава ќе биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА (Европска Асоцијација на фестивали), иако поголемиот дел од активностите за овој голем настан се веќе завршени.

-Тоа сепак зависи од мерките и времето за надминување на пандемијата на Ковид-19, ни изјави Поповиќ.