„Охридско лето“ на Генералното собрание на Европската фестивалска асоцијација

Делегација на „Охридско лето“ предводена од директорката Наташа Поповиќ учествуваше на Генералното собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) што деновиве се одржа во Гелвеј, Ирска.

На собирот на кој присуствуваше културната елита од Европа Фестивалот „Охридско лето“ е посочен за една од најуспешните приказни што ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди, а директорката на најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава Наташа Поповиќ ја доби титулата почесен делегат.

Во своето обраќање на 68. Генерално собрание на ЕФА Поповиќ пред првите луѓе на ЕФА ја истакна богатата фестивалска традиција на „Охридско лето“ во градот кој е духовен центар на македонската историја.

– Охридско лето“ се отвора секоја година на 12 јули и трае 40 дена, сѐ до 20 август, веќе 61 година на Античкиот театар, на истото место каде што 200 години пред Исус се одржувале друг вид на фестивалски игри. Таков спој на цивилизациска историја и сегашност е реткост и е цивилизациска придобивка што треба продолжи и затоа е многу важно таа традиција да продолжи заедно со ЕФА, рече Поповиќ.

Таа потсети дека секоја фестивалска вечер во црквата „Света Софија“, една од најголемите средновековни цркви од византискиот период и црква со ненадминлива акустика настапуваат врвни уметници од целиот свет. Поповиќ посочи дека секое лето градот Охрид, град под заштита на УНЕСКО, како културно наслество на светот, ги дочекува и испраќа најголемите имиња од современата светска уметничка елита во совршен спој на културата од пред Христа и денешната во 21-иот век.

Поповиќ уште нагласи дека успесите на „Охридско лето“ се заслуга на залагањата и професионалноста на тимот, но и огромната поддршка на државните институции и покровителот.

– Мојот тим и јас веруваме дека културата и цивилизациското наследство припаѓа секому и никому. Токму во тој правец работиме 61 година како фестивал, 27 години како членка на ЕФА веднаш по осамостојувањето на нашата независност и токму затоа огромна е честа и задоволството за секој постигнат успех. Таа чест не е само за тимот на „Охридско лето“, за мене како директор, туку многу повеќе за Покровителот на фестивалот, Претседателот на државата и Министерката за култура во нашата држава, но најмногу за граѓаните на мојата земја кои со векови а и денес ја докажуваат својата културна посебност како во Европа, така и во светот, рече Поповиќ.

ЕФА асоцијацијата вклучува над сто фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е значаен партнер на Асоцијацијата.