Охридскиот суд ги ослободи обвинетите за нападот врз Христијан Пендиков

Апелацискиот суд во Битола го врати предметот на повторно судење. Истиот судија, кој ги осуди двајцата охриѓани на осум месеци затвор за нанесување телесни повреди, денеска ги ослободи


Христијан Пендиков

 

Повеќе од три години по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Основниот суд во градот ги ослободи обвинетите за нападот.

Оваа пресуда доаѓа откако Апелацискиот суд во Битола одлучи предметот да го врати на повторно одлучување пред првостепениот суд.

Денешното рочиште заврши за помалку од два и пол часа, без притоа да бидат изнесени нови докази. Судот наведе дека не е докажано оти двајцата обвинети го сториле кривичното дело за кое се товарат, како и дека не можел да се утврди етнички мотив за нападот, соопшти БНТ.

Правниот тим на Пендиков изрази силно незадоволство од ваквиот радикален пресврт во ставот на судијата – потег со кој, всушност, беше поништена претходната одлука на истиот судија.

Во првичното судење, обвинетите, Борче Ангелов и Илија Спасески, беа осудени на осуммесечни затворски казни за нанесување тешки телесни повреди.

Христијан Пендиков беше револтиран откако ја слушна одлуката на судот.

„Се срамам од оваа пресуда. Да се ​​донесе ослободителна пресуда и покрај сите приложени видеодокази е срамно и недостоинствено. Со оваа одлука, судот дава зелено светло секој што се идентификува како Бугарин во Македонија да биде тепан неказнето – без никој да сноси какви било последици“, рече Пендиков.

Тој изјави дека земјите што не го почитуваат човечкото достоинство и владеењето на правото немаат место во Европската унија.

Во судницата беа присутни и пратеници од бугарскиот Парламент, кои дојдоа да му дадат поддршка на Пендиков.

Секретарот на здружението „Цар Борис III“ – кое во меѓувреме е избришано од официјалните регистри во Македонија – беше нападнат и претепан во јануари 2023 година. Во март минатата година, обвинетите Илија Спасески и Борче Ангелов беа осудени на осум месеци ефективна затворска казна за нанесување тешки телесни повреди пред угостителски објект во Охрид; сепак, предметот подоцна беше вратен на повторно одлучување од страна на повисок суд.

Оваа пресуда сигурно дека дополнително ќе ги влоши односите меѓу Македонија и Бугарија.