Охридскиот чаршиски еснаф бара можност за работа во недела


Чаршискиот еснаф во Охрид со поддршка на угостителите, хотелиерите и Општина Охрид бараат недела да биде работен во туристичката сезона, но и во продолжените викенди преку цела година. Тврдат дека со законското решение, со кое од 1 јануари недела е не работен ден, трпи бизнисот, а губи и туризмот во градот.

За проблемот со кој се соочува туристичкиот центар, свесен е и градоначакникот Кирил Пецаков, кој денеска имаше средба со Охридскиот Чаршиски еснаф, Угостителскиот еснаф, ХОТАМ, Занаетчиската комора и Здружението на туристички водичи.

– Охрид има проблем со тоа што во недела не се работи, посебно во перидот на редовната туристичка сезона. Би сакал да излеземе во пресрет, како Општина и лично да учествувам во тој процес за да бидат задоволни не само туристите, туку и давателите на услуги во туризмот. Факт е дека Охрид и надвор од туристичката сезона е посетуван град во недела, како од гости од околните градови, така и од соседни држави, а сега чаршијата изгледа така како што изгледа, рече Пецаков.

Изрази уверување дека сите засегнати страни ќе најдат заедничко решение со кое ќе биде задоволувачко за сите.

Како можно решение предлагаат да можат да работат во неделите од 1 април до 1 октомври, како и за продолжените викенди преку цела година.

Маја Бакалова од здружението на трговци „Чаршиски еснаф“ упати апел до релевантните институции да ја разгледаат нивната иницијатива за одобрување за работа во недела.

– Бараме одобрување за работа во празници и недели за висока сезона, но Охрид има и поинаква сезона, во празници и викенди, кога цела Македонија се слева овде доаѓа до ситуација Охрид да е затворен. Имиџот на Охрид е паднат. Со ова, одиме чекор назад. Охрид треба да работи за време на викенди во високо-туристичка сезона и во продолжени викенди, истакна Бакалова.

Како пример го посочи неодамнешното барање на тур-оператор со група од 30-тина туристи да купат охридски бисери во недела, но никој не можел да излезе во пресрет да го отвори својот дуќан, поради законското решение.

Претседателот на здружението на туристички водичи „Кеј“, Климент Наумов смета дека Охрид, како туристичко место трпи големи загуби.

– Како туристички водичи ние сме дирекно засегнати со овој нов Закон, бидејќи сме дел од туристичкиот систем, а Охрид како туристичко место трпи големи загуби, последиците се далекусежни. Едноставно од понеделник до сабота да работите, а во неделата да одмарате, тоа никаде го нема во ниту една турстичка дестинација. Со тоа трпи и македонскиот и охридскиот туристички производ и повеќе не може да се нарече целосен, вели Наумов.

Проблемот со кој се соочуваат туристичките водичи, според него, е неможноста да создадат програма, која би ја понудиле на клиентите.

– Едноствно неможеме да добиеме фит-бек од оние кои не ангажираат. Туристичките агенции се затворени, ако треба да ги упатиме во нив, продавниците се затворени, занаетчиите, најмногу трпат трговците поединци. Со ова ќе се разјаде и работничкото јадро во туризмот, бидејќи ќе дојде до една дополнителна флуктоација на работната сила во соседните региони. Работодавачите нема да бидат во можност доволно да ги платат, веќе им се скратува можноста да заработат доволно средства за да можат да ги платат своите вработени и влегуваме во еден магичен круг, во кој доколку не се направат одредени измени во овој Закон, последиците ќе бидат навистина многу негативни и далекусежни, нема да можеме да се ослободиме од овие проблеми на многу долг рок, смета Наумов.

ХОТАМ, како што посочи претседателот на Асоцијацијата Крсте Блажески, ја поддржува иницијативата на Охридскиот Чаршиски еснаф .

– Ако од понеделник до петок се прави некој обрт во туризмот во сабота и недела е најмалку дупло од било кој друг ден во текот на неделата. Треба да се направи обрт за да се направи достоинствена плата која треба да ја платиме на вработените што во последно време се наметна без многу прерачунувања дали е тоа можно во оваа економија или не. Од друга страна ние затвораме и не му даваме право на било кој во овие гранки да работи во недела, како би створиле поголем обрт со кој би можеле да ги плаќаат вработените не само минимални плати од 18.000 денари, туку се надеваме на 25 илади денари и на поголеми плати, рече Блажески.

За претседателот на здружението на угостители „Охридски еснаф“ Михаил Мишев, природно е охридскиот туристички регион да биде отворен за гостите и во недела.

– Поддршката од угостителскиот сектор за дополнување на Законот е јасна, бидејќи самата природа на работата налага дека недела е ден кога оние кои не се на работа може да го посетат Охрид, без разлика дали се работи за гости од околните градови или гости од соседните држави, истакна Мишев.

Чаршискиот еснаф од Охрид реагира дека гостите од околните градови кои викендите ги минувале во Охрид, сега одат во соседните земји на пазарење и уживање во благодетите што ги нудат.