„Охридски комуналец“ по препорака на Антикорупциска ги поништи трите договори со фирмата на советникот Усеини


Управниот и надзорниот одбор на ЈП „Охридски комуналец“ на вчера одржаниот состанок донесоа одлука да го прифатат мислењето на Државната комисија за спречување корупција и да ги раскинат договорите склучени со фирмата „Нефи-ИК“, сопственост на општинскиот советник Нефи Усеини.

Како што појасни директорот на „Охридски комуналец“, Љупчо Грдановски, на состанокот било одлучено да се постапи согласно мислењето на Антикорупциска и да се раскинат договорите, поради постоење судир на интереси.

Притоа се раскинуваат три договори и тоа за набавка на градежни материјали, за користење возило специјализирано за сечење дрвја, како и за користење механизација за тековно одржување на депонијата „Буково“.

Поради зголемениот обем на работа во депонијата „Буково“ во летниот период, Грданоски истакна дека до изборот на нов правен субјект што ќе ја одржува депонијата Јавното претпријатие привремено ќе работи со свои ресурси и позајмена механизација.

Претходно Општина Охрид најави дека ќе постапи согласно насоките на Државната комисија за спречување на корупција изнесени во мислењето од 16 јули, кога беше укажано на постоење судир на интереси на носители на јавни функции при учество на тендери распишани од Локалната самоуправа.

Антикорупциската комисија насоките ги изнесе откако на тендерот за уривање на дивоградби распишан од Општина Охрид се пријави фирмата во сопственост на советникот Нефи Усеини. Тогаш, Антикорупциска испрати допис до Општината Охрид дека согласно легислативата „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Фирмата „Нефи-ИК“ беше една од оние што дадоа свои понуди на тендерот што го распиша Општина Охрид за избор на компанија што ќе биде ангажирана за уривање на дивоградбите во градот и по должина на крајбрежјето на Охридското Езеро. На листата на такви објекти најверојатно ќе се најдат и некои за кои како сопственик, односно закупец се јавува токму советникот Усени.