Охрид во пресрет на најчудната Новогодишна ноќ


 Охрид како наша најпосетувана туристичка дестинација ја чека веројатно најнеобичната, поинаква Новогодишна ноќ, последица на наметнатата ситуација предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Додека изминатите година овој ден кафеаните, баровите, рестораните беа преполни со гости, на паркиралиштата немаше слободно место, стотици автобуси ги имаа окупирано дури и зелените површини во градот, овојпат тоа е ништо друго освен воздишка на угостителските работници.

Првпат градот новогодишните и божиќните празници ќе ги мине без вообичаените организирани забави, дури и без семејни собири, согласно протоколите што ги одреди Владата како мерка за спречување на натамошно ширење на коронавирсот. Забрането е и групирање на плоштадите и јавните места, така што нема да има ниту дочек на Новата година на отворено, нешто што беше веќе вообичаена практика.

Можат низ градот да се забележат гости, но тоа се пред се поединечни посети, дел од нашинците од западноевропските држави каде исто така на сила се вонредни мерки. Во Охрид ќе има гости од другите градови на земјата, можеби мал број од соседните држави, но најмногу се оние кои имаат свои индивидуални станови или викендички.

Извесно е дека посетеноста на Охрид и сместувачките капацитети на крајбрежјето овие новогодишни празници е неспоредливо послаба од изминатите. Дека градот е воочи онаа како што ја нарекувавме „најлуда“ ноќ посетуваат само реквизитите и украсите низ централниот дел на Охрид, како и тезгите на Плоштадот од Новогодишниот базар кој исто така е слабо посетен.

Она што го има оваа година повеќе од кога било се секако желбите на туристичките работници за нормализирање на ситуацијата и враќање на состојбите како што беше изминатите години кога во Охрид и на крајбрежјето на Охридското Езеро за Новогодишните празници имаше и по десетина илјади гости.