Охрид стана центар со најголем процент на заразени од корона


Податоците на здравствените власти покажуваат дека бројката на заразени од Ковид-19 во Охрид се зголемува токму на почетокот од туристичката сезона. Тоа треба да биде предупредување за сите – и за неговите жители и за оние што се таму на одмор или ќе тргнат на летување – да се придржуваат максимално кон здравствените протоколи.

Според денешните бројки, во Охрид биле регистрирани петмина новоинфицирани и со тоа бројката на заболени се искачи на 195 и го надмина Велес, едно од првите поголеми жаришта на Ковид-19. Тоа е сепак многу помалку од Тетово, Куманово и Штип (да не зборуваме за Скопје кое е епицентар на зараза со корона вирусот и каде до денес бројката изнесува 3.343, а активни се 1.987 случаи). Но она што загрижува за Охрид е процентот на активни случаи од вкупниот број заболени. Таму се активни 166 случаи од вкупно регистрираните 195. Во проценти тоа изнесува 85 отсто. Последниве денови здравствените власти и да не регистрираат оздравен пациент во Охрид.

Ваков размер речиси да нема во ниту во еден град во државата (во Скопје тој изнесува 59 отсто). Во другата општина на Охридското Езеро, Струга, процентот на активни случаи е 61 отсто (252 заболени, активни 154 случаи), но таму бројката ја зголемуваат заболените од руралните места. Во Тетово со денешните 16 нови инфекции бројката на дијагностицирани од Ковид-19 изнесува 758, а активни се 385, што е точно 50 проценти. Последниве денови нагло се зголеми бројот на заболените и во Гостивар, па сега таму има вкупно 151 случаи, а активни  се 91, што значи 60 проценти. Бројката, исто така е голема и во Ресен: со денешните четири нови инфекции таа изнесува 120 лица, активни се 93 (во проценти тоа е 77 отсто), но забележливо е дека таму по наглото избувнување ситуацијата полека се смирува. На 1 јули имаше 108 заболени и 94 активни, а денес и покрај тоа што има 12 лица повеќе регистрирани со Ковид-19, бројот на активните случаи е за еден помал.

Во Куманово и околните општини, регион кој е второто најголемо жариште во земјава, изгледа дека ситуацијата е ставена под контрола, иако бројките и натаму се големи. Денеска таму се избројани 240 активни случаи од вкупната бројка на 793 заболени, што изнесува 30 отсто. (Н.В.)