„Охрид СОС“ бара прогласување кризна состојба за Преспанското езеро


Црвените линии за Преспанското Езеро се одамна пречекорени и неопходно е итно и неодложно да се прогласи кризна состојба на целото подрачје на сливот на езерото, стои во барањето на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, поддржана од дваесетина други невладини организации. Барањето на социјалните мрежи е проследено со петиција до граѓаните за поддршка на иницијативата.

„Охрид СОС“ бара најитно формирање на научно-техничка комисија за спас на Преспанското Езеро, која ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за 10 дена од објавувањето на петицијата.

„Нивото на Преспанско Езеро сега е најниско откако се вршат мерења од 1917 година, што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 година), состојбата ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25%) доаѓа директно од Преспанското“, пишува во соопштението.