Охрид преполн со гости, неизвесни ефектите врз колективното здравје
Оваа туристичка сезона за Охрид и туристичките населби на крајбрежјето на Охридското Езеро ќе биде најнеобичната забележана последните неколку децении. Во шпицот на сезоната карактеристичен за илинденските празници градот е преполн со гости, но ситуацијата е сосема поразлична од она што го гледавме изминатите години.
Епидемијата на коронавирусот резултираше со замена на странските гости со оние од земјата, а тоа значи да се бара легло повеќе, но само во приватните станови, викендички и соби за издавање. Место во тие капацитети веќе неа, една седмица однапред се е издадено, дури не се прашува за локацијата, се закупува се што останало слободно доколку некој го откажал престојот. Најбарани се приватните сместувачки капацитети во туристичките населби Лагадин, Пештани, Трпејца, Љубаништа…
Со оглед на отуството странски гости, а ретки се и оние од соседните држави чии граѓани можат да дојдат во земјата, приватните станоиздавачи своите легла и капацитети ги нудеа по намалени цени споредбено со минатите сезони.
Скромниот стандард на македонскиот турист значи далеку помал интерес за сместување по хотелите, кои исто така нудат релативно поволни неколкудневни аранжмани чија цена се движи меѓу 70 и сто евра за тридевен престој со појадок. Но, за празничниот викенд дури и хотелите бележат солидна посетеност.
Градот е преполн, паркиралиштата низ градот не можат да ги примат сите возила, се паркира и на тротоарите, на коловозите, тревниците, секаде каде ќе се најде место. Прво се полнат оние места за кои подобро упатените знаат дека се бесплатни, но места нема ниту онаму каде се наплаќа паркирањето.
Карактеристично за гостите оваа година е што бараат и за сместувањето да платат со ваучерите за поддршка на домашниот туризам што можат да се користат од 15-ти јули.
На плажите врие како во кошница, речиси и да нема место каде да се стави риза, лежалка, чадор. Мерките за спречување на ширење на коронавирусот не можат да се почитуваат поради масовноста, уште повеќе што најголемиот дел од крајбрежјето на Езерото нема концесионер што би се грижел за протоколи. Оние плажи што имаат стопан пак мора да се придржуваат на мерките. Парадоксална ситуација, да се чекаат гости, а истовремено да нема гужви. И оваа сезона се чини најдобро ќе поминат оние што работат на диво без какви било дозволи и без платени обврски кон државата.
Поплитките џебови на гостите оваа година најмногу може да се забележат во работењето на угостителските објекти, кафулињата, пицериите, рестораните. Иако градот е преполн со гости, мал е бројот оние кои можат да си дозволат ресторански оброци. Кога градот беше празен тоа беше очекувано, но и во текот на изминатата седмица кога градот беше преполн најчесто се седи само на терасите, многу поретко внатре во локалите каде има повеќе места за седење. Угостителите велат дека и во услови на преполн град со гости остварениот дневен промет е двојно помал отколку ланската година.
Најмногу луѓе во вечерните часови можат да се видат по Чаршијата, долж Кејот на езерото, по парковите, на шеталиштата…Тријат раце сопствениците на новопоставените тезги на Кејот каде се продава брза храна, сендвичи, крофни, вафли, сладолед, нешто што е поевтино и што може да се носи в рака и да се јаде на некоја од клупите. Солиден промет остваруваат и маркетите, продавниците за храна, па дури и стандардно скапиот охридски пазар на овошје и заленчук.
Охрид бележел и во минатото одлични сезони со големи гужви, имало празнични викенди кога високите температури ги тераа луѓето да спијат и по плажите и парковите. И оваа година можат да се забележат лица да преноќуваат и во своите возила, во автомобилите, само празничните денови да се минат во Охрид и по плажите.
За тоа какви ќе бидат економските резултати оваа сезона се уште е рано да се прогнозира, се зависи од тоа дали добрата посетеност забележана некаде од втората половина на јули ќе потрае и наредните месеци и какви ќе бидат бројките по завршувањето на сезоната.
Но, новите околности наметнати од епидемијата со коронавирусот го отвораат и прашањето на последиците од таквата посетеност и билансот новозаразени. Толкава популација на мал простор во многу аспекти по автоматизам значи зголемен ризик и опасност од ширење на заразата. Ризикот е дотолку поголем што луѓето како да подзаборавија на опасноста, се забележува лежерност, воопшто не е занемарлив бројот на оние кои не носат маски, освен онаму каде мораат, а за мерката за социјална дистанца во вакви околности и не вреди да се зборува.
Граѓаните на Охрид кои изминатиот период демонстрираа голема дисциплинираност во придржувањето кон мерките за заштита и за спречување на ширењето на заразата сега како да се затекнати од неодговорниот однос на дел од гостите. Јавноста отворено реагираше на закажаните концерти на некои естрадни уметници што по правило значат голема посетеност и масовност, а за да биде нелогичноста комплетна, истовремено се уште со протоколите не е дозволено да има „жива“ музика по терасите на рестораните.
Толкавата посетеност во градот без придржување кон препораките и почитување на протоколите за заштита, не е ништо друго туку „темпирана бомба“ што неповолно би можела да се одрази врз колективното здравје. Дали ќе вродат плод постојаните апели и препораки да се води сметка за сопственото и здравјето на другите, каков ќе биде ефектот на засилените контроли на пазарните инспектори и полицијата по плажите, локалите, базените, дали сме потфрлиле и како гости и како домаќини, на тој биланс ќе мора почекаме откако ќе слегне прашината…