Охрид подготвен за пречек на американскиот државен секретар Помпео


Охридските локални институции и јавни претпријатија се целосно мобилизирани за утрешната посета на американскиот државен секретар Мајк Попмпео на Охрид.

Екипи на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ деновиве имаат зајакнати активности за што почист град – се косат тревниците и се мијат улиците, особено во оние делови на градот каде е предвидено да се движи делегацијата при нивната посета на Охрид.

Согласно препораките од Министерството за надворешни работи, отстранети се сите контејнери на трасата каде ќе минува високата американска државна делегација и се одржува висок степен на хигиена во градот со дежурни екипи што постојано се на терен.

Дежурни екипи на претпријатието постојано ќе бидат на терен за да собираат отпад што евентуално би бил оставен за време на посетата на американската делегација, а особено се внимава на потегот долж булеварот „Туристичка“, како и во Стариот дел на градот, затоа што, според протоколот, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата Света Богородица Перивлепта, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, исто така, е подготвен за утрешната посета, со сите  спроведени процедури предвидени при оперирање во услови на зголемена безбедност, што е вообичаена практика при вакви официјални посети на највисоки државни делегации.

Деновиве во Охрид е забележано зголемено присуство на униформирани и неуниформирани полициски и службеници од државните безбедносни агенции. Полицијата дури ги запишува и регистарските таблички на возилата што се движат низ градот.

Од полицијата се остварени контакти со правните лица одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Одделението за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, како и со други релевантни субјекти. Дислоцирани се сите возила од паркинг-местата по должина на булеварот „Туристичка“ и неколку улици во стариот дел на градот, каде ќе минува делегацијата. На тие сообраќајници и улици, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила во текот на утрешниот ден, така што останува апелот до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници.