Охрид – омилената концертна сцена на поп, фолк и ѕвезди од класичната музика

Концертите одржани во близина на езерото или на познатите летни сцени добиваат посебна магија која ретко може да се најде на други локации


Фото: Б. Грданоски

Охрид е една од најатрактивните концертни дестинации на Балканот секое лето и се почесто е избор на регионални и светски поп, фолк и ѕвезди од класичната музика.Неговата единствена комбинација од природна убавина, богато културно-историско наследство и развиена туристичка инфраструктура го прави идеално место за организирање музички настани од висок ранг. 

Една од главните причини е неповторливата атмосфера што ја нудат Охридското езееро и историските знаменитости на градот.Концертите одржани во близина на езерото или на познатите летни сцени добиваат посебна магија која ретко може да се најде на други локации.Уметниците имаат можнст да настапуваат пред публика во амбиент што спојува природа, историја и музика за сечиј вкус и разни генерации. 

Дополнително, Охрид, привлекува голем број туристи од земјата и од странство особено во летниот период. Тоа им овозможува на организаторите и на поддржувачите да привлечат бројна публика, а на изведувачите да се претстават пред разновидна и меѓународна публика. Големата посетеност и позитивната енергија на публиката се важни фактори при изборот на концертни локации.

Значајна улога има и угледот на градот како културен центар. Преку бројни фестивали, особено реномираниот „Охридско лето“, музички манифестации и културни настани, Охрид со години гради репутација на место каде што уметноста и културата се високо ценети. Ова дополнително ги мотивира познатите музички имиња да бидат дел од неговата богата културна понуда.

Да не се лажеме. Охрид за некого е бисер, а за некого бижутерија. За некого семејно наследство, а за некого културно наследство. За некого природна убавина, а за некого чиста политика. Полесно ќе слеташ со авион отколку да најдеш паркинг. Странците го ценат, ние го потценуваме.УНЕСКО го штити, ние го загадуваме. Некој доаѓа да мези риба, да плови со чунче или едрилица, а некој да го видат на кафе или на „Охридско лето“. Сите од Скопје ќе ги видите таму. Познати се мешаат со непознати.

Ама со својата природна убавина, туристичка привлечност и културна традиција, Охрид продолжува да биде магнет за регионални поп, фолк, диџеј и ѕвезди од класичната музика, потврдувајќи го својот статус како една од најпосакуваните концертни сцени во регионот.

А кој ќе го собере ѓубрето насабајле, по концертите, е друга „некултурна“ приказна .

Л. Сабит