Ќе пресуди ли ДУИ и за градот на УНЕСКО?

Од УНЕСКО повторно бараат да се стави мораториум на урбаните активности на брегот на Охридското Езеро сè додека не се донесат законски решенија и не се спроведат ефикасно. Препорачуваат природното и културното наследство на Охридскиот Регион да биде ставено на листата загрозени светски наследства. Предлогот ќе се разгледува на конференцијата во Баку, Азербејџан, која ќе се одржува од 30 јуни до 10 јули годинава. Тие бараат нелегалните градби да се урнат бидејќи влијаат врз заштитеното подрачје и претставуваат опасност. Во пакетот мерки што УНЕСКО ги бара е и финализирањето на планот за управување со заштитеното подрачје.

УНЕСКО со жалење констатира дека малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од 2017 година. Се поздравува запирањето на плановите за изградба на нов магистрален пат преку Галичица и ски-центар на планината, но сметаат дека тоа не е доволно.

Новиот предлог-закон за управување на природното и културното наследство на Охридскиот Регион е подготвен од меѓуресорска работна група на министерствата за култура и животна средина. Во работната група беа вклучени претставници од сите засегнати страни, како и од невладиниот сектор. Предлог-законот е доставен до Владата, но сè уште не се разгледувал на владина седница. Откако ќе ја помине таа процедура, законот треба да влезе во собраниска процедура. Од Владата велат дека сè уште не знаат кога точно ќе биде на дневен ред.

Од иницијативата „Охрид СОС“ алармираат дека се врши притисок околу законот и дека во него повторно ќе има „дупки“ кои ќе и дозволат на т.н. урбана мафија да остварува свои бизнис-интереси на сметка на светското и културното наследство што го поседува Охрид. Тие велат дека ДУИ бара во новиот закон да се внесе задолжително гласање по Бадинтер во Советот за управување со светско и културно наследство.

„Заднината на ова барање е локалната урбана мафија да има carte blanche, односно, доколку навистина во законот се вметне таква одредба, тоа ќе значи ширум отворени врати за криминална урбанизација во целиот регион под заштита на УНЕСКО бидејќи наместо да се усвојуваат одлуки поткрепени со стручни аргументи исходот ќе зависи од нечија политичка волја т.е. од партиски пазар. А тоа е недозволиво во регион кој е уникатно светско природно и културно наследство и кој е од национален интерес. Со оваа објава апелираме до нашите сограѓани, Албанците, да застанат на патот на беззаконието и јавно да ги осудат задните намери на ДУИ затоа што криминалците не се делат по вероисповед, етничка или партиска припадност. Сите криминалци седат на иста маса. Истовремено, сите ние, „обични смртници“, од кој било етникум или религија, сме еднакво загрозени од безочните притисоци и уцени на локални криминалци кои единствено ги интересира лична финансиска придобивка и акумулирање на моќ“, велат од „Охрид СОС“.

Тие упатуваат апел до соседите од албанската страна на Охридското Езеро. Велат дека кога се очекува таа страна на регионот да се впише на листата на светско природно и културно наследство, не смее на оваа страна од езерото да се дозволи урбаната мафија да ги пишува законите.

Магдалена Манаскова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е поразителен фактот што единственото подрачје заштитено од УНЕСКО во земјава ќе се најде на листата загрозени.

– Охрид, првпат откако е впишан како заштитено подрачја од УНЕСКО во 1979 година, ќе се најде на листата на светско културно наследство во опасност, благодарение на неспособноста и негрижата на власта за културното и природното наследство во целина. Овој срамен податок за Охрид е резултат на несоодветната културна политика и огромна негрижа за единственото подрачје во Македонија заштитено од УНЕСКО. Власта не спроведе во целост најголем дел од препораките на ретроактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година – рече Манаскова.

Реагираше и политичката партија Левица од каде што велат дека ако се дозволи воведување на гласање по Бадинтер ќе значи озаконување на криминалното дивеење на партиските локални моќници на брегот на Охридското Езеро.

„Со штитењето криминалци што уништуваат богатство од национален интерес, оваа влада покажува дека за неа главен приоритет не се демократските процеси, просперитетот и интересите на Републиката, туку богатењето на неколку поединци што одработуваат за коалицијата на власт. И покрај декларативните заложби на СДСМ за зачувување на УНЕСКО-статусот, власта не испорача никакви суштински промени за обичните граѓани и продолжува да тоне во криминални скандали и корупција, со што опасноста за неповратно уништување на едно од најголемите национални богатства станува сè поизвесна“, додаваат од Левицата.

Од Демократската унија за интеграција сè уште не се произнесле јавно ниту за обвинувањата.

Што точно бара УНЕСКО

Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) во последниот нацрт-извештај констатира дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Ова се нивните забелешки во целост:

– Целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија.

– Уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето.

– Строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

– Имплементирање на сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.

– Државата во консултација со Комитетот за светско наследство да направи предлог за посакуваната состојба на конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација.

– До 1 февруари 2020 да се достави дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.

– УНЕСКО има забелешки и на трасата од автопатот А2 предвиден да ги поврзува Требеништа и Струга, со барање државата итно да пронајде друго решение за проектот.

Ивана Настеска