Охрид го кани Скопје на дочек на Нова година со домашни пејачи


Фото: Б. Грданоски

Општина Охрид подготви богата музичка програма за прослава на Новата 2022 година, на која ќе настапат бројни домашни естрадни уметници.

Охриѓани и гостите кои новогодишната ноќ ќе ја поминат на плоштадот „Свети Климент Охридски“ ќе може да уживаат во музичките изведби на „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска.

Специјален музички гостин на вечерта ќе биде Верица Ристеска, а свој перформанс ќе имаат диџеите „Фејс“ и „Гец“ заедно со Јана Слеј.

Според планираното, музичка забава на градскиот плоштад ќе биде организирана и на 1-ви јануари, во периодот од 13 до 15 часот, кога ќе настапат членови на охридскиот музички еснаф во проширен камерен оркестар, кои ќе изведат репертоар од охридски композиции.

На сцената на градскиот плоштад во рамки на дневната забава на 2-ри јануари, во периодот од 13-15 часот ќе настапи „Ансамбл Билјана“ со специјална програма „Охрид Охрид убав мил“.

Скопје, декември, 2020/Фото: Б. Грданоски

Петнаесет дена до Нова година, Плоштадот Македонија во Скопје сè уште е без новогодишна елка, а не е поставена ниту една светилка и лампион кои ги симболизираат и најавуваат новогодишните и божиќните празници. Иако градоначалничката Данела Арсовска преку видео обраќање најави дека центарот на градот ќе почне да се украсува од 10 декември, Плоштадот зјае празен. 

Од кабинетот на градоначалничката Арсовска не кажаа конкретно зошто се доцни со поставување на елката и новогодишните украси, туку само одговорија дека китењето треба да се изврши од 10 до 15 декември.