Охрид е скапоцен како бисер, но тежи кога е бижутерија

Рано наутро е питом кога погледот во тишина ви се одмара по сината езерска шир, доцна во ноќта знае да биде див, нескротлив во големата ѓурултија, малку поднапиен или ептен најаден


Фото: Б. Грданоски

 

Охрид, како туристички бисер, отсабајле го покажува белото, невино лице како белите лебеди со кои се будите на изгрејсонце. Се слуша само звукот на галебите и пригушен лавеж од домашни миленици кои ги шетаат сопствениците. Рано наутро е питом кога погледот во тишина ви се одмара по сината езерска шир. Покрај кеј или од балкон.

По 10 часот, тој светски познат охридски бисер почнува да ви тежи на вратот како ѓердан од бижутерија. Во вревата, жештината која го нападнала туристичкото место преку ден и во доцните вечерни часови, го покажува грдото лице кое по утринскиот парфем, почнува да замирисува од насекаде расфрланото губре. Исто како во Скопје. Доцна во ноќта знае да биде див, нескротлив во големата ѓурултија, малку поднапиен или ептен најаден.

Луѓето барајќи спас од горештините, годинава, избираат да се капат во Охридското езеро, во самиот центар на Охрид, а на сто метри од нив зјае огромна канализациска цевка која се влева во езерото. Како што велат скопјани, подобро тука, отколку да газиме по камењата на популарните плажи на Горица и Лагадин. Кој ќе вози до Љубаништа, единствена плажа во Охридско, каде има песок и за кој туристите се фалат дека од годинава е убаво суреден. Треба да се запали колата и и да се извозат 30 км по стариот тесен пат за да се провери овој факт.

Охрид, како туристичко место, лете е полн, зиме празен.  Како и жената, може да ве привлече, а може и да ве разочара. Да ве инспирира, или да ви биде здодевен. Или го сакате или не го сакате. Знае да биде културен, но и прост во однесувањето, да ве пречека како господин и дама, или да ве третира како неканет гостин. Охрид е убав како ружа, но ако сакате подобро да го запознаете, може да ве  боцне, да ве заболи до срце, или да ви пушти крв. Уживате во неговата убавина од далечина, но може да ви го покаже и незгодниот карактер ако премногу му се приближите.

Охрид е град на парадокси. Ги сака странците, сѐ уште не ги почитува своите. За светот е културно богатство, за нас сеир да видиш и да те видат. Дури и на Охридско лето, магнет за културната фела од Скопје и од регионот.

Сака да ќари, а ништо да не потроши, да профитира, а ништо да не инвестира. Кејот знае да биде писта на висока мода , но и дом на рибарите, да се измешаат парфеми и мирисите на свежо фатена риба.

Фото: Б. Богдановска

Охрид ви ја остава слободата да бидете никој и ништо, или некој и нешто, анонимен или славен, колку вие ќе дозволите. Место каде сакате или мир или забава, или да се одморите или да се уморите. Џубокс на сѐ и сешто. Диско и електро забава, класичен концерт или диџеј сет, фолк или народна музика на увце. Ги привлекува домашните и странските ѕвезди, а гостите избираат елегантна или кежуал гардероба, високи потпетици или патики.

Вие избирате дали ќе му радувате на забавниот и атрактивен Охрид или на мирниот и здодевен Охрид. Секое лето иста приказна!

Л . Сабит