Охрид центар на светската гастрономија: Уживање за сите сетила


Под мотото „Не бери гајле, биди Охрид”, се отвори и со истото мото се затвори големиот гастро интернационален настан “Гастро-МАК 2019“ со поделба на пехари и признанија како за победниците, така и за учесниците. Годинава Охрид беше претесен да собере над 300 професионални готвачи од 150 држави, шефови на кујни, судии по готвењето на храната. Во хотелот “Нова ривиера“ се собраа многу домашни и странски туристи со што настанот беше вистинска атракција, уживање за сите сетила, пред сè за срце, очи и душа.

Како на самото отворање, кога ги поздрави присутните и натпреварувачите, така и на затворањето, на присутните, но и на гледачите на голем број телевизии кои го снимаа настанот, им се обрати претседателката на „Гастро-Мак“ Адријана Алачки, заедно со славниот готвач од Хрватска Стево Карапанџа (кој одлучуваше за победниците) и Доменико Маџи од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни. Карапанџа на новинарите им го откри своето омилено јадење „бобичи“, кое е составено од млада пченка која се вари заедно со грав, како чорба, а потоа се додава малку суво месо, малку ребренца, за да замириса убаво, објави „Вечер“.